Muhammed Bilal Kenasari
11 Јануари 2017•Ажурирај: 12 Јануари 2017
ВАШИНГТОН (АА) – Американскиот Стејт департмент смета дека и ПЈД треба да биде дел од преговорите за изнаоѓање долгорочно политичко решение во Сирија, јавува Anadolu Agency (AA).
Портпаролот на Стејт департментот, Марк Тонер, на дневната прес-конференција одговараше на прашањата на дописникот на АА во врска со преодниот политички период во Сирија.
Тонер рече дека единствениот пат во барањето решение за крај на војната во Сирија треба да биде под водство на Обединетите нации (ОН). „За тоа кој ќе учествува на мировните преговори, останува да одлучат засегнатите страни и народот во Сирија“, нагласи Тонер.
Посочувајќи на терористичката организација ПЈД, тој рече: „И сириските Курди треба да бидат вклучени во овој процес“.
На прашањето: „Дали сметате дека ПЈД треба да седне на преговарачката маса?“, Тонер рече: „Според нашите размислувања, и тие треба до некаде да бидат дел од овој процес“.
„ПЈД е група којашто е застапник на областа. И нивниот глас треба да биде слушнат во барањето долгорочно решение за Сирија“, истакна Тонер.
Тонер, исто така, повтори дека САД не им давале оружје на ЈПГ, вооруженото крило на ПЈД, кој е огранок на ПКК во Сирија.
По овие негови зборови, тој беше потсетен дека министерот за одбрана на САД, Ештон Картер во својот говор во Сенатот во Пентагон прифати дека им давале оружје на ПЈД. Тонер на ова повторно рече дека на ПЈД не им е дадено оружје и додаде оти не се согласува со таа изјава.
- „Ако ПЈД не се ПКК, зошто ним не им давате оружје?“-
Тонер ги оцени терористичките организации ПКК и ПЈД како ’различни групи’ и притоа не даде прецизен одговор на прашањето „Ако ПЈД не се ПКК, зошто ним не им давате оружје?“
Тој повтори дека ПЈД е ’важна сила’ во борбата против друга терористичка организација, ДЕАШ, и додаде: „Ја имаме предвид чувствителноста на турската Влада во врска со ПЈД“.
На зборовите на Тонер дека на маса треба да седне и ПЈД се придружи и друг претставник од Стејт департментот, кој за дописникот на АА изјави: „Ова не е нешто ново. И ПЈД треба да биде на маса“, бранејќи го ставот на Тонер.
„За долгорочно решение, потребно е и ПЈД да седне на маса. Ова не значи дека следната недела тие ќе бидат во Женева. Но, на долг рок, тие треба да заземат место. Ние и претходно не бевме против. ПЈД не е група што поминала низ безбедносни проверки. Поради ова, на претходните состаноци не зеде место. Ние отсекогаш го браневме ставот дека тие треба да земат место“, изјави тој.