Во Абу Даби започнаа втората рунда трилатерални преговори за војната меѓу Русија и Украина
„Преговарачкиот процес започна во трилатерален формат – Украина, САД и Русија“
ИСТАНБУЛ (АА) – Втората рунда трилатерални преговори меѓу Русија, Украина и САД за речиси четиригодишната војна меѓу Москва и Киев започнаа во главниот град на Обединетите Арапски Емирати, Абу Даби, соопшти денес главниот украински преговарач, пренесува Анадолу.
„Преговарачкиот процес започна во трилатерален формат – Украина, САД и Русија“, напиша Рустем Умеров на социјалната мрежа Фејсбук, додавајќи дека по овие разговори ќе следува работа во одделни групи според конкретни области.
Умеров истакна дека по оваа фаза е планирано „заедничко усогласување на ставовите“, нагласувајќи дека тимот работи „во рамки на јасните насоки на претседателот Владимир Зеленски за постигнување достоинствен и траен мир“.
„Го информираме шефот на државата за напредокот во секоја фаза од преговорите“, додаде тој.
Русија и Украина одржаа првични дводневни консултации на 23 и 24 јануари, исто така во Абу Даби, со учество на САД.
Американската делегација ја сочинуваат специјалниот пратеник на САД, Стив Виткоф, и зетот на претседателот Доналд Трамп, Џаред Кушнер, кои денес пристигнаа во престолнината на емиратите.
И Киев и Вашингтон ја оценија првата рунда преговори како „конструктивна“, додека Москва соопшти дека контактите започнале на конструктивен начин, но дека „претстои значајна работа“.
Набргу по почетокот на втората рунда преговори, за кои се очекува да траат два дена, Кремљ соопшти дека денес нема да објави изјави за резултатите од преговорите.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, на прес-конференција изјави дека вратите за мирно решение се отворени, но дека Русија ќе продолжи со, како што ја нарекува, „специјалната воена операција“, сè додека Киев не донесе „соодветни одлуки“.
„Нашиот став е исклучително јасен и добро разбран од страна на режимот во Киев и американските преговарачи, кои имаат улога на посредник во овие трилатерални преговори и на кои сме им благодарни за нивните напори“, додаде Песков.
