Amina Zorniç
11 Јануари 2017•Ажурирај: 11 Јануари 2017
САРАЕВО (АА) - Меѓународниот фонд на Обединетите нации за деца (УНИЦЕФ) денес започна глобална кампања #EarlyMomentsMatter (#Првите моменти се важни) со поддршка на фондацијата ЛЕГО, за да се сврти вниманието кон важноста на првите 1.000 денови во животот на детето и на влијанието на различните искуства на развојот на мозокот, пренесува Anadolu Agency (AA).
Како што наведува УНИЦЕФ, првите 1.000 дена во животот на детето се клучна фаза на можности, кога клетките на мозокот создават 1.000 нови невронски врски секоја секунда, брзина што не се повторува никогаш повеќе во животот.
„Овие невронски врски придонесуваат за функционирање на мозокот и учењето, и ги поставуваат темелите за идното здравје и среќа. Недостатокот на грижа и внимание, како и недостатокот на соодветна исхрана, стимулација, љубов и заштита од стрес и насилство, можат да го забават развојот на овие клучни врски. Кампањата започнува со #EatPlayLove (#Јади, играј, љуби) ̶ дигитална и печатена иницијатива насочена кон родителите и старателите, која ги приближува фактите за развојот на бебешкиот мозок. Материјалите од кампањата ги објаснуваат наукчните факти на едноставен и интересен начин за да ги охрабрат родителите и старателите на најдобар начин да ја искористат оваа единствена можност на своите деца да им обезбедат најдобар почеток во животот. Ангажирајќи ги семејствата, иницијативата исто така тежнее да го зголеми барањето на квалитетни и достапни услуги за поддршка на раниот раст и развој и да ги повика надлежните власти да инвестираат во програмите наменети за најранливите деца“, се наведува од УНИЦЕФ.
Осврнувајќи се на најновата серија на научниото списание „Лансет“, УНИЦЕФ тврди дека речиси 250 милиони деца во земјите во развој се под ризик на послаб развој поради нарушувањето во растот и поради сиромаштијата.
„Сепак, потребите за поинтензивни инвестиции и активности во раниот раст и развој не се ограничени само на неразвиените земји. УНИЦЕФ проценува дека уште милиони деца ги поминуваат најважните развојни години растејќи во нестимулативно и несигурно опкружување, што го става под ризик нивниот когнитивен, општествен и емоционален развој. Инвестицијата во раното детство е еден од најефикасните начини да се зголеми способноста на секое дете да го достигне својот полн потенцијал, злолемувајќи ја нивната способност да учат во училишта и подоцна да остварат подобри приходи како возрасни“.
УНИЦЕФ потсетува дека едно 20-годишно истражување покажало оти децата што следеле квалитетни програми во првите години од животот оствариле за 25 отсто подобри приходи како возрасни отколку нивните врсници кои немале пристап до овие програми.
„Интервенциите за ран развој, како што се пакетот ‘Грижа за ран развој’, кој вклучува обука за патронажни тимови за едукација на семејствата околу важноста на играта со децата на начин што го стимулира нивниот здрав развој може да чини 0,5 долари годишно по лице, а е комбиниран и со други здравствени услуги“, се наведува од УНИЦЕФ.
УНИЦЕФ ги повикува властите да ги зголемат инвестициите во раниот развој, да ги прошират здравствените и социјалните услуги што се нудат за децата во првите години од животот, и да ги зајакнат услугите за поддршка на родителите и старателите.
Најновата кампања е дел од пошироката програма на УНИЦЕФ за поддршка на раниот раст и развој, која ја подржуваат Фондацијата Х&M, Фондацијата Конрад Н. Хилтон, и АЛЕКС И АНИ, како и Фондацијата ИКЕА.