Ekipa
11 Јануари 2017•Ажурирај: 11 Јануари 2017
ЧИКАГО (АА) - Барак Обама синоќа во својот емотивен проштален говор во Чикаго им се обрати на Американците на крајот од мандатот од позицијата претседател на САД, на која дојде во 2009 година, јавува Anadolu Agency (AA).
Пред околу 18.000 луѓе, на местото каде што пред осум години ја започна политичката кариера, претседателот на САД во заминуавње ги повика Американците да ја одбранат својата демократија.
Во почетокот на својот говор, придружен со големи овации на присутните, првиот афроамерикански претседател на САД го парафразира својот политички слоган од првата кампања: „Да, ние можеме!“ во: „Да, ние успеавме!“.
„Да, нашиот напредок е променлив. Работата за демократијата беше тешка, а понекогаш крвава. За секои два чекора напред, се чинеше дека одевме еден чекор назад. Иднината е наша. Барам од вас да верувате во своите способности и да ја браните нашата демократија“ рече Обама.
Тој ја осуди дискриминацијата на муслиманите и ги критикуваше политичарите кои дискутираат за решавање за климатските промени.
Обама истакна дека успехот на неговите два мандата, меѓу другото, се економските постигнувања, реформите во здравството, нормализација на односите со Куба и мировниот договор постигнат со Иран.
Во моментот кога потсети дека на негово место доаѓа „републиканецот“ (новоизбраниот претседател Доналд Трамп), публиката негодувајќи едногласно извика: „Остани уште четири години“, на што Обама одговори: „Не можам да го сторам тоа“.
„Не, не, не... Една од предностите на нашата голема нација е токму тоа ̶ власта се пренесува од еден претседател на друг. Сите ние, без оглед на тоа од која партија доаѓаме, треба да ги прифатиме задачите за обнова на нашите демократски институции“, рече Обама, кој во неколку наврати не можеше да ги задржи солзите.
Говорот во Чикаго, кој траеше помалку од еден час, Обама го заврши заблагодарувајќи му се на семејството и на пријателите, и изрази особена благодарност за поддршката од неговата сопруга Мишел и ќерките Малија и Саша.
„Мишел ЛaВајн Робинсон, девојко од југот, во последните 25 години не ми беше само сопруга и мајка на моите деца, туку и мојот најдобар пријател. Ти ја презеде улогата што не ја бараше и ја присвои до твоето срце со стил и хумор. Ме направи горд, а истовремено го направи горд и овој народ“, изјави Обама, по што беше поздравен со овации и аплауз.
Обама оваа година полни 55 години, претходно изјави дека животот ќе го продолжи како „обичен граѓанин“.