Muhammed Bilal Kenasari
05 Јануари 2016•Ажурирај: 06 Јануари 2016
ВАШИНГТОН (АА) - Американскиот претседател Барак Обама во последната година од својот мандат донесе неколку административни одлуки, со кои ќе се засилат мерките за продажба на оружје, а што е една од темите во САД која најмногу се дискутираше во последниве години, јавува Anadolu Agency (АА ).
Обама пoбара реформи на законските рамки за продажба на оружје, но наидуваше на спротиставено мислење од републиканците кои го имаат мнозинството во Конгресот. Затоа Обама одлучи трговијата со оружје да ја намали со серија административни мерки, преку кои се надева дека ќе се намали бројот на убиства во САД.
Во писмено соопштение од Белата куќа се вели дека новите административни мерки предвидуваат задолжителна контрола на полициските досиеја на секој купец на оружје, спроведување на контрола на оружјето и на локално ниво, задолжителен психички преглед за состојбата на купецот и затворање на сите нелиценцирани продавници за продажба на оружје.
Потсетувајќи дека во изминатата деценија во вооружени напади во САД, загинаа над 100.000 луѓе, во соопштението од Белата куќа се наведува дека со новите мерки треба да се намали трговијата со оружје, спречување на лабилните луѓе да дојдат до него а со тоа намалување на бројот на убиства во земјата.
Деталите на новите мерки би требало наскоро да ги објави надлежната служба на Министерството за правда, односно Бирото за контрола на продажбата на алкохол, тутун, огнено оружје и експлозиви (ATF).
Од Белата куќа, исто така, најавено е дека во зајакнатите контроли за продажба на оружје ќе бидат ангажирани 230 инспектори на американското федерално биро за истрага (ФБИ).