Dejan Maksimoviç
21 Април 2018•Ажурирај: 22 Април 2018
САРАЕВО (АА) - Капетанот на фудбалската репрезентација на Босна и Херцеговина, Един Џеко, во интервју за британските медиуми изјави дека реваншот на натпреварот во четвртфиналето на Лигата на шампионите во кој Рома ја победи Барселона со 3 : 0 е еден од најдобрите кои навивачите на римскиот клуб ја виделе, и дека сè што постигнале оваа сезона, тоа го постигнале како тим, а не како поединци, пренесува Anadolu Agency (AA).
Тој додаде дека сите во Рома сега се свртени кон првиот натпревар од полуфиналето против Ливерпул, за кој оваа сезона игра нивниот поранешен тимски колега Мухамед Салах.
„Уште од групната фаза никој не веруваше во Рома, многумина мислеа дека нема да одиме понатаму, бидејќи за ривали ги имавме Атлетико Мадрид и Челзи. Не бевме фаворити за поминување, но ние го сторивме тоа. Во четвртфиналето реков дека не сакам да играм против Барселона или Манчестер Сити, а потоа ја добивме Барселона“, вели Џеко.
Тој додава дека по поразот на „Камп Ноу“ со резултат од 1 : 4 во реваншот биле опуштени, но не во смисла да размислуваат дека веќе отпаднале.
„Рековме: ’Дефинитивно, немаме што да загубиме по 1 : 4 во Барселона.‘ Дефинитивно имаме квалитет да го победиме кој било тим, но откако ќе изгубите со резултат 1 : 4, никој не очекува дека ќе се вратите. Но, стадионот беше полн, нашите фанови беа таму, и моравме да одиме на сè или ништо. Кога ќе се постигне гол во првите минути, сè се менува. Дефинитивно ни даде енергија, до крајот да успееме да постигнеме три гола и да одиме понатаму“, вели Џеко.
Сега Рома се наоѓа пред нов предизвик во Лигата на шампионите - Ливерпул. „Редсите“ оваа сезона ги предводи Салах, до минатата сезона, тимскиот колега на Џеко во Рома.
„Пред сè е жално што си замина, но очигледно, мораше да си оди. На крајот, испадна дека тоа му е добра одлука, бидејќи прави некои неверојатни нешта во Премиер-лигата која не е лесна за играње. Салах е извонреден играч и момче, па се надевам дека оваа сезона ќе собори некои рекорди. Се надевам дека ќе постигне уште голови во Премиер-лигата оваа сезона, но не и во Лигата на шампионите“, рече Џеко, и продолжи:
„Го познавам Јурген Клоп од Германија. Го познавам неговиот стил на игра, а тоа е напаѓачки фудбал. Ќе бидеме подготвени, мораме да бидеме. Ние сме тим. Сè што имаме постигнато досега, сме го направиле како тим, не како поединци, бидејќи ние секогаш веруваме во себе и дававме сè од себе во секој натпревар.“
Џеко истакна дека му е мило што зимава ја одбил понудата на Челзи и останал во Рома. Тој додаде дека бил многу задоволен кога слушнал дека „сините“ го сакаат, бидејќи тоа е голем клуб, но дека останал бидејќи сака да игра во Лигата на шампионите и за првпат во својата кариера да се пласира во четвртфиналето.
„Сега сме во полуфиналето и се обидуваме да влеземе во финалето. Значи дека одлучив правилно“, заклучува Џеко.
Првиот полуфинален натпревар од Лигата на шампионите меѓу Рома и Ливерпул ќе се одигра на 24 април во Рим. А реваншот е на програмата на 2 мај во Ливерпул.