Furkan Abdula
20 Мај 2021•Ажурирај: 26 Мај 2021
СКОПЈЕ
Селекторот на Фудбалската репрезентација на Северна Македонија, Игор Ангеловски, го објави списокот на фудбалери кои ќе ја претставуваат земјата на Европското првенство 2020 (ЕУРО 2020), пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според соопштението објавено на интернет-страницата на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), во составот на македонската репрезентација се 26 фудбалери.
Во соопштението се вели дека младите Милан Ристовски и Дарко Чурлинов се најдоа на списокот, а како трет голман е повикан Ристе Јанков.
„Ристовски, Чурлинов и Јанков се нашата иднина, затоа се на нашиот список. Сметам дека тие со својот квалитет можат да придонесат во тимот А и да соберат искуство, бидејќи очекувам во наредните години да бидат стандардни првотимци. Жалам за отсуството на Илија Несторовски, со нас е пет години и вредно работеше со сите нас да се пласираме на Европското првенство. Сепак, верувам во останатите играчи и дека без проблем ќе го дополнат неговото отсуство. УЕФА дозволи и три резерви во случај на ковид-проблеми, но се надевам дека тоа ќе нѐ одмине“, изјави Ангеловски, додавајќи дека навивачите се навикнале на успеси, и дека сега сакаат да бидат европски шампиони.
Ангеловски нагласи дека овие фудбалери многупати досега ја направиле нацијата горда и со самиот пласман на Европскиот шампионат, и дека ќе направат сè што е во нивна моќ пак да ги направат фановите горди.
„Одиме со желба за надигрување и ќе ја грабнеме секоја шанса за позитивен резултат и пласман во втората фаза. Јас прв верував во играчите и очекувам максимум од нив на секој натпревар. Првиот собир е на 25 мај, со тренинзи стартуваме ден подоцна, а според регулативите на УЕФА, закажавме и уште еден тест против Казахстан на 4 јуни. Ги анализираме и противниците, со Австрија игравме и иако нѐ совлада двапати, ќе се обидеме да научиме од тие грешки. Украина исто така е многу квалитетна селекција, знаеме дека Шахтјор Доњецк двапати го победи Реал Мадрид, а таму има многу украински репрезентативци. На крајот одиме во Амстердам во Холандија со надеж дека повторно би можеле да се вратиме во Романија, ако ја минеме првата фаза“, рече селекторот Ангеловски, се вели во соопштението.
Списокот на повикани играчи за ЕУРО 2020 е следен:
Голмани: Столе Димитриевски (Рајо Ваљекано, Шпанија), Дамјан Шишковски (Докса, Кипар), Ристе Јанков (Работнички, Северна Македонија).
Одбрана: Висар Муслиу (Мол Фехервар, Унгарија), Егзон Бејтулаи (Шкендија, Северна Македонија), Кире Ристевски (Ујпешт, Унгарија), Стефан Ристовски (Динамо Загреб, Хрватска), Дарко Велковски (Ријека, Хрватска), Ѓоко Зајков (Шарлроа, Белгија), Езџан Алиоски (Лидс Јунајтед).
Среден ред: Енис Барди (Севиља, Шпанија), Аријан Адеми (Динамо Загреб, Хрватска), Бобан Николов (Лече, Италија), Стефан Спировски (АЕК Ларнака, Кипар), Елиф Елмас (Наполи, Италија), Тихомир Костадинов (Ружомберок, Словачка), Даниел Аврамовски (Кајсериспор, Турција), Марјан Радески (Академија Пандев, Северна Македонија), Ферхан Хасани (Партизани, Албанија), Дарко Чурлинов (Штутгарт, Германија).
Напад: Горан Пандев (Џенова, Италија), Иван Тричковски (АЕК Ларнака, Кипар), Милан Ристовски (Спартак Трнава, Словачка), Александар Трајковски (Мајорка, Шпанија), Крсте Белкоски (Сараево, Босна и Херцеговина), Влатко Стојановски (Шамбли, Франција).