Dzihat Aliju
01 Септември 2021•Ажурирај: 02 Септември 2021
СКОПЈЕ (АА) - Селекторот на фудбалската А-репрезентација на Северна Македонија, Благоја Милевски, одржа прес-конференција пред мечот против Ерменија во рамки на квалификациските натпревари за пласман на Светското првенство 2022 во Катар, јавува Агенција Анадолија (АА).
На прес-конференцијата на стадионот „Тодор Проески“ во Скопје, Милевски заедно со капитенот на репрезентацијата, Стефан Ристовски, одговараа на новинарските прашања.
Милевски упати благодарност до поранешните репрезентативци, Горан Пандев, Иван Тричковски и Крсте Велковски, кои веќе не се дел од тимот.
Тој изрази оптимизам за мечот против Ерменија, иако, како што рече, немале доволно време да го пренесат сè она што би барале од секој поединечно.
„Но, тоа е што е. Тие се квалитет, тие се професионалци, тие се добри карактери. И тоа сè ќе им помогне за да се адаптираат“, рече Милевски.
Капитенот Ристовски, говорејќи за преземањето на капитенската позиција, упати благодарност до поранешниот капитен Пандев. Рече дека Пандев има постигнато многу за оваа репрезентација и треба да биде пример како да се продолжи репрезентативниот пат.
„Имаме доста промени. Но доволно сме професионалци да продолжиме таму каде што сме застанати. Јас се надевам на еден позитивен резултат, нов и убав почеток“, додаде Ристовски.
Северна Македонија во рамки на квалификациските натпревари за СП 2022 во Катар, утре (2 септември) ќе игра против Ерменија на стадионот „Тодор Проески“, на 5 септември ќе биде гостин на Исланд, додека на 8 септември ќе биде домаќин на Романија.