Enes Duran
03 Април 2016•Ажурирај: 04 Април 2016
БАКУ/АНКАРА (АА) – Заменик претседателот на Азербејџан, Али Хасанов, изјави дека Азербејџан прогласи прекин на огнот во подрачјето на линиите на разграничување со Ерменија, но Ерменија ги игнорира повиците на меѓународните институции и продолжува со нападите, јавува Anadolu Agency (AA).
Во изјавата за АА, Хасанов истакна дека Министерството за одбрана на Азербејџан на повикот на Минск групата еднострано ги прекина судирите, но тоа не го стори и спротивната страна. Тој додаде дека Азербејџан ќе возврати на нападите.
Коментирајќи ги случувањата во изминатите два дена во кризниот регион Нагорно -Карабах, Хасанов рече дека во темелите на сите проблеми лежат провокациите на ерменските безбедносни сили.
Тој тврди дека ерменските сили преку провокации сакаат да го спречат секој обид за решавање на кризата од страна на групата Минск. Потсети дека слични провокации на ерменските сили се забележани и во 2014 и 2015 година, кога францускиот претседател Франсоис Оланд и рускиот претседател Владимир Путин започнале одредени иницијативи за решавање на кризата
Хасанов рече дека провокаците во петокот дошле непосредно откако азербејџанскиот претседател Илхам Алиев во Вашингтон се состанал со американскиот потпретседател Џоу Бајден и државниот секретар Џон Кери.
„Азербејџан се залага кризата во Нагорно - Карабах да се реши по мирен пат и политика врз база на меѓународните норми и права. Тоа би било возможно со малку повеќе труд на ОБСЕ, но Ерменија, од друга страна, ги игнорира сите повици и продолжува со провокациите”, изјави Хасанов.
Заедно со тоа, шефот на групата за меѓупарламентарна соработка на Турција и Азербејџан, Неџдет Унувар, изјави дека Ерменија мора итно да се повлече од подрачјето Нагорно - Карабах, кое го држи под окупација веќе 22 години, и ја повика групата Минск за тоа прашање итно да изработи акционен план.
Во пишаното соопштение, Унувар рече дека до новата ескалација на судирите во Нагорно - Карабах дошло поради тоа што ерменските сили на 1-ви април го прекршиле примирјето.
ОБСЕ уште од 1992 година со цел мирно решавање на азербејџанско-ерменскиот спор во Нагорно - Карабах, ја основал групата Минск со која раководат три држави - САД, Франција и Русија, а во нејзин состав се и Германија, Италија, Португалија, Холандија, Шведска, Финска, Турција, Азербејџан и Ерменија.
Нагорно - Карабах е регион во Азербејџан кој од 6-ти јануари 1992 година прогласи независност. Поголем дел од населението се Ерменци кои сметаат дека регионот треба да биде дел од Ерменија. Регионот е под контрола на ерменската војска и сепаратистите од ерменско-азербејџанската војна, која заврши во 1994 година, во која загинаа 30.000 лица. Годините на преговори донесоа мал напредок во решавањето на спорот на поранешните членки на Советскиот сојуз. Во текот на изминатите 20 години се почесто доаѓа до судири.