Muhammed Enes Çallı
03 Ноември 2023•Ажурирај: 03 Ноември 2023
ИСТАНБУЛ (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денес се состана со својот азербејџански колега Илхам Алиев во главниот казахстански град Астана, при што разговараа за билатералните односи, регионалните и глобалните прашања и за тековниот израелско-палестински конфликт, соопшти Дирекцијата за комуникации на Туркије, јавува Анадолу.
Ердоган рече дека напорите на Туркије за обезбедување хуманитарна помош ќе продолжат да се интензивираат и ја нагласи потребата меѓународната заедница да прати силни пораки за да се обезбеди усогласеност на Израел со меѓународното право.
„Постојаниот мир во регионот е остварлив само по формирање географски интегрирана и независна држава Палестина во границите од 1967 година, со главен град Источен Ерусалим“, додаде тој.
На средбата станало збор и за процесот на нормализација на односите помеѓу Туркије и Ерменија, како и за актуелната ситуација во однос на постконфликтниот процес помеѓу Азербејџан и Ерменија.
Турскиот претседател е во Астана за да присуствува на петочниот Самит на Организацијата на туркиски држави (ОТС).
ОТС, порано наречена Туркиски совет, е основана во 2009 година како меѓувладина организација составена од истакнати независни туркиски земји што работат заедно да ги зајакнат меѓусебните односи.
Нејзини членки се Туркије, Азербејџан, Казахстан, Киргистан и Узбекистан, додека Унгарија, Туркменистан и Турската Република Северен Кипар имаат статус на набљудувачи.