Ahmet Furkan Mercan
20 Мај 2021•Ажурирај: 20 Мај 2021
ТОКИО (АА) - Меѓународниот олимписки комитет (IOC) соопшти дека се одлучни во безбедната организација на Олимписките игри во Токио, и покрај епидемијата на Ковид-19, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Томас Бах, претседателот на Меѓународниот олимписки комитет (IOC), на заедничката конференција, на која присуствуваа Организацискиот комитет, Централната влада и претставници на Гувернерството на Токио, се осврна на најновата состојба во однос на Олимписките игри во Токио.
„Заедно со нашите јапонски партнери и пријатели, би сакал да ја потврдам целосната посветеност на Комитетот за безбедни олимписки игри за сите“, рече Бах.
Наведувајќи дека има уште девет недели до церемонијата на отворање, Бах рече: „За да осигураме безбедни олимписки игри, ние сме фокусирани само на нивното организирање.“
Осврнувајќи се на процесот на вакцинација, Бах истакна дека 75 проценти од спортистите и екипите што ќе влезат во олимписките кампуси се веќе вакцинирани или се планира да бидат вакцинирани.
Јапонскиот министер за олимписки игри, Тамајо Марукава, рече дека освен спортистите, треба да се вакцинираат и другите учесници, како што се новинари и официјални лица.
Сеико Хашимото, претседателот на Организацискиот комитет, изјави дека Игрите во Токио ќе им покажат на светот и на идните генерации „како се справува со глобалниот предизвик“.