Admir Fazlagic
05 Октомври 2016•Ажурирај: 06 Октомври 2016
СКОПЈЕ (АА) - Во „Куќата на фудбалот“ денеска беше претставен новиот дизајн на дресовите на фудбалската репрезентација на Македонија, со кој се најави продолжувањето на соработката меѓу Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) и германскиот бренд на спортска опрема ЈАКО, јавува Anadolu Agency (AA).
На промовирањето на новите репрезентативни дресови беа присутни претседателот на Фудбалската федерација на Македонија, Илчо Ѓорѓиоски, високиот претставник на ЈАКО, Ханс Веркле и генералниот секретар на ФФМ, Филип Поповски.
Ѓоргиоски го истакна своето задоволство поради промоцијата на новите дресови, и рече оти се надева дека тие ќе ѝ донесат радост и успех на репрезентацијата.
„На почетокот на квалификацискиот циклус за Светското првенство во Русија, во знак на продолжување на соработката во следниот период, подготвивме нов дизајн на репрезентативните дресови. Дизајнот беше подготвен од страна на дизајнерот на Фудбалската федерација на Македонија, Рахила Илиев, и би сакал да ѝ се заблагодарам за успешно подготвениот дизајн. Искрено се надевам дека новите дресови ќе ѝ донесат радост на Македонија и дека ќе им донесат среќа и мотив повеќе на играчите“, рече претседателот на ФФМ, Илчо Ѓорѓиоски.
Во име на германската компанија ЈАКО зборуваше нивниот претставник, Ханс Веркле, кој го најави новиот циклус на соработка со ФФМ.
„Кога бев во Скопје пред неколку месеци, моите соработници од ФФМ ми најавија дека новиот циклус на квалификации сакаат да го играат во дрес со персонализиран дизајн, кој самите го имаат подготвено. При изработката на прототипот што ни го испрати Рахила Илиев, и самите се уверивме дека станува збор за прекрасен дрес, кој го изработивме од врвен материјал со цел на играчите да им се обезбеди максимален комфор“, истакна Веркле.
Генералниот секретар на ФФМ, Филип Поповски, исто така го изрази задоволството од досегашната соработка со германската компанија ЈАКО, и се заблагодари на сите вклучени во процесот на подготовка на новите репрезентативни дресови.
Новите дресови за првпат ги облекоа Мартин Богатинов и Никола Ѓорѓев, од репрезентацијата А, и Маркоски и Алексовски од репрезентацијата до 21 година.
„Ние сме земја која фудбалот го доживува многу страствено, а сонцето на нашите дресови зборува толку многу за нашата земја и за нашата репрезентација. Ни се допаѓа новиот дрес бидејќи ги комбинира традиционалните елементи со модерните детали“, велат репрезентативците.
На националната арена „Филип втори“, на 06.10.2016, в четврток, фудбалската репрезентација на Македонија ќе се бори за првата победа во рамките на квалификациите за Светското првенство 2018, a три дена подоцна, на 09.10.2016, в недела ќе се одигра натпреварот со репрезентацијата на Италија.