Admir Fazlagic
26 Април 2017•Ажурирај: 26 Април 2017
СКОПЈЕ (АА) - Тетовскиот фудбалски клуб „Шкендија“ следните шест натпревари како домаќин ќе ги одигра без присуство на публика откако Дисциплинската комисија на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) го казни овој клуб, пренесува Anadolu Agency (AA).
Казната е поради инцидентите што се случија за време на реванш полуфиналето во Купот на Македонија меѓу Шкендија и Вардар, кога по конфликтот меѓу двајцата капитени Бобан Грнчаров и Ферхан Хасани на терен влегоа дел од навивачите.
Судијата на натпреварот Александар Ставрев го прекина дуелот, а нешто подоцна дуелот продолжи. Висината на казната е како предупредување до тетовскиот клуб дека вакви случки можат да донесат и инцидент од далеку поголеми размери.
Поради тоа, дуелот од првенството меѓу Шкендија и Вардар ќе се игра без гледачи, како и сите натпревари на Шкендија до крајот на шампионатот. Исто така, казната ќе биде и за првиот дуел од новото првенство.
Инаку, Шкендија има право на жалба, но казната може да биде само намалена.