Admir Fazlagic
14 Јули 2016•Ажурирај: 15 Јули 2016
СКОПЈЕ (АА) - Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) денес организираше отворен ден за посетители во „Куќата на фудбалот“ во Скопје, каде што посетителите имаа можност да се запознаат со инфраструктурата во комплексот, да ги видат терените, да се запознаат со луѓето од администрацијата, селекторите, да разговараат со претставници од ФФМ и да добијат комплетна слика за работењето на Федерацијата и активностите што ги презема, јавува Anadolu Agency (AA).
Од Фудбалската федерација на Македонија велат дека со оваа активност покажуваат отвореност, транспарентност и проактивност, почит кон мислењето на јавноста, и дека ФФМ е отворена за промени коишто се во интерес на развојот на фудбалот.
Златко Андоновски, портпарол на ФФМ, вели дека целта на организирањето на еден ваков настан од отворен карактер е најмладите да се запознаат со ФФМ.
„Целта е да ги запознаеме децата со тоа дека Фудбалската федерација на Македонија не е само играње фудбал, да ги запознаеме со комплексот ‘Куќа на фудбалот', да ги видат четирите терени на коишто тренираат националните репрезентации, да ја видат целата логистика што го опслужува националниот тим на Македонија, започнувајќи од категориите до 14 години, па до А-репрезентација, да се запознаат со вежбалната, со опремата што ја користат, да ги видат ВИП-просториите, да ја посетат административната зграда на ФФМ и луѓето што работат тука. Исто така, да се запознаат со начинот на кој се договараат натпревари, да се запознаат со начинот на кој се реализираат трансферите во Република Македонија и на крајот, да видат на кој начин се складира и се одржува опремата на националните репрезентации“, рече Андоновски, кој изрази задоволство поради тоа што децата покажаа интерес за фудбалот и за националната репрезентација.
„Нам ни е многу драго што имавме условно гости од овој тип, затоа што децата мора да ги учиме да го сакаат спортот, да го сакаат фудбалот и на тој начин да се стремиме да живеат со здрави вредности и на вистински начин“, додаде Андоновски.
%2Fkuca-fudbala-1.jpg)
Посетителите, меѓу кои најбројни беа децата, беа радосни што имаат можност одблиску да се запознаат со работата на ФФМ, да ги видат терените и да се запознаат со фудбалските тренери на репрезентацијата, кои несебично ги дочекаа децата и им посветија внимание објаснувајќи им за активностите на фудбалерите во текот на подготовките за натпреварите.