Elvir Hociç
02 Декември 2018•Ажурирај: 03 Декември 2018
ДАБЛИН (АА) - Во ирскиот град Даблин денес се одржа извлекувањето на групите за квалификациите за пласман на Европското фудбалско првенство кое ќе се игра во 12 европски градови во 2020 година, пренесува Anadolu Agency (AA).
Во квалификациите ќе настапат вкупно 55 репрезентации, а сите селекции се подредени во 10 групи. Првите пет групи ќе имаат по пет, а останатите пет групи, по шест репрезентации.
Репрезентациите претходно беа подредени во шест барабани или шешири, а со ждрепка извлечени се овие квалификациски групи:
Група А: Англија, Чешка Република, Бугарија, Црна Гора и Косово
Група Б: Португалија, Украина, Србија, Литванија и Луксембург
Група Ц: Холандија, Германија, Северна Ирска, Естонија и Белорусија
Група Д: Швајцарија, Данска, Република Ирска, Грузија и Гибралтар
Група Е: Хрватска, Велс, Словачка, Унгарија и Азербејџан
Група Ф: Шпанија, Шведска, Норвешка, Романија, Фарски Острови и Малта
Група Г: Полска, Австрија, Израел, Словенија, Македонија и Латвија
Група Х: Франција, Исланд, Турција, Албанија, Молдавија и Андора
Група И: Белгија, Русија, Шкотска, Кипар, Казахстан и Сан Марино
Група Ј: Италија, Босна и Херцеговина, Финска, Грција, Ерменија и Лихтенштајн
Поради политички причини, во иста група не можеа да бидат Ерменија и Азербејџан, потоа Гибралтар и Шпанија, како и Украина и Русија. Дебитантот во квалификациите, Косово, не можеше да биде во истата група со Србија, ниту со Босна и Херцеговина.
Квалификациите ќе се играат од 21 март до 19 ноември 2019 година. На Европското првенство ќе се пласираат двете најдобри репрезентации од секоја група, додека последните четири претставници ќе се добијат по плејофот на Лигата на нациите.
Со учество на 24 репрезентации, Европското првенство ќе се одржи во Лондон, Минхен, Рим, Баку, Санкт Петербург, Букурешт, Амстердам, Даблин, Билбао, Будимпешта, Глазгов и во Копенхаген.
Првенството започнува на 12 јуни 2020 година во Рим, додека финалето, еден месец подоцна ќе се одигра на лондонскиот стадион „Вембли“.