Yunus Kaymaz
19 Ноември 2021•Ажурирај: 22 Ноември 2021
ИСТАНБУЛ
Во американската Национална кошаркарска лига (НБА), тимот на Голден Стејт Вориорс го совлада Кливленд Кавалирс со 104:89 на гостински терен, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Синоќа се одиграа шест средби во НБА. И покрај тоа што во последната четвртина влезе со 13 поени заостанување, Вориорс на противникот му дозволи да постигне само 8 поени во последните 12 минути од средбата, и на крајот славеше победа со 15 поени разлика.
Стефен Кари, ѕвездата на Вориорс, одигра важна улога во победата на оваа средба, постигнувајќи скор од 40 поени, 6 асистенции и 4 скока. Кари го зголеми бројот на постигнати тројки во првите 15 натпревари оваа сезона на 85 и го подобри рекордот на НБА кој и претходно беше во негова сопственост. Кари имаше постигнато 80 тројки во првите 15 натпревари во сезоната 2018/19, и 74 тројки во сезоната 2015/16.
Дариус Гарланд беше најпрецизен во редовите на Кавалирс со 25 поени и 5 асистенции. Дин Вејд и Кевин Лав на оваа средба постигнаа по 17 поени.
- Севентисиксерси ја прекинаа серијата на порази
Филаделфија Севентисиксерс, во чии редови настапува турскиот интернационалец Фуркан Коркмаз, го совлада Денвер Нагетс со 103:89 на гостински терен и ја прекина серијата од пет порази.
Фуркан Коркмаз на теренот мина 22 минути, постигнувајќи 5 поени, 4 скока и 3 асистенции. Најпрецизни во редовите на Севентисиксерс беа Тајриз Макси со 22 поени, Сет Кари со 20 поени и Тобајас Херис со 17 поени.
Кај Денвер Нагетс најдобар перформанс прикажа Никола Јокиќ кој постигна дабл-дабл од 30 поени, 10 скока, 7 асистенции, додека Вил Бартон средбата ја заврши со 19 поени, 9 скока, 8 асистенции.
- Хит дојде до својата четврта последователна победа
Тимот на Мајами Хит во чии редови настапува турскиот интернационалец Фарук Јуртсевер, на домашен терен го совлада Вашингтон Визардс со резултат 112:97 и дојде до својата четврта победа во серија.
Во екипата на Хит најпрецизни играчи беа Џими Батлер со постигнати 32 поени, 5 асистенции, Бам Адебајо со 20 поени и 9 скока, додека турскиот репрезентативен кошаркар постигна 2 поени.
Најпрецизен кошаркар во редовите на Визардс беше Бредли Бил со постигнати 30 поени, 6 скока, 5 асистенции, а Кајл Кузма оствари дабл-дабл учинок со 19 поени и 13 скока, 7 асистенции.
Резултати
Кливленд Кавалирс - Голден Стејт Вориорс 89:104
Мајами Хит - Вашингтон Визардс 112:97
Мемфис Гризлис - Лос Анџелес Клиперс 120:108
Минесота Тимберволвс - Сан Антонио Спарс 115:90
Денвер Нагетс - Филаделфија Севентисиксерс 89:103
Јута Џез - Торонто Репторс 119:103