Övünç Kutlu
01 Јуни 2017•Ажурирај: 01 Јуни 2017
ЊУЈОРК (АА) - Непознати вандали напишале навредливи расистички графити на портата од приватната куќа и имотот на кошаркарот и супер-ѕвездата на НБА Леброн Џејмс во Лос Анџелес, во сојузната американска држава Калифорнија, пренесува Anadolu Agency (AA).
Полициската управа на Лос Анџелес (LAPD) соопшти дека расистичката порака набрзо е покриена со спреј и дека полицијата извршила увид во врска со случајот.
„Полицијата на Лос Анџелес го истражува вандалскиот напад врз куќата на кошаркарот на НБА, Џејмс“, потврдено е од полицијата.
Клубот на Џејмс „Cleveland Cavaliers“ не се огласи по повод настанот, а сѐ уште не е познат мотивот за расистичкиот напад на куќата на трикратниот освојувач на шампионската титула во НБА лигата.
„Моето семејство е безбедно, тоа е сега најважно. Сепак, овој напад покажува дека расизмот ќе биде вечно присутен во светот и во Америка“, изјави Џејмс на прес-конференцијата.
Истакнувајќи дека сите Афроамериканци се соочуваат со расистичка омраза, Џејмс вели дека луѓето секогаш им се смеат в лице на оние со потемна боја на кожата.
„Без оглед колку пари имате, колку сте познати и успешни, и колку луѓето ви се восхитуваат, тешко е да се биде црномурест во Америка. Како општество, мора да минеме уште долг пат додека ние Афроамериканците не се почувствуваме како рамноправни членови на заедницата“, порача Џејмс.
Се претпоставува дека Џејмс за време на вандалскиот напад бил во Оукленд, на припреми со својот тим за првиот финален натпревар на завршницата на НБА против екипата на „Golden State Warriors“.