Elena Teslova
23 Ноември 2026•Ажурирано: 23 Ноември 2026
Азербејџанскиот министер за надворешни работи, Џејхун Бајрамов, денес изјави дека усвојувањето на предложениот нов устав на Ерменија би можело да отстрани клучна пречка за мировен договор меѓу двете соседни земји од Јужен Кавказ бидејќи нацрт-документот не содржи повикувања на територијални претензии кон Азербејџан, јавува Анадолу.
Бајрамов, на прес-конференцијата во главниот град Баку, позитивно ги оцени плановите на Ерменија за усвојување нов устав, со кој би се напуштила Декларацијата за независност од 1990 година.
„Нашата земја повеќепати истакна дека потпишувањето мировен договор ќе биде можно откако Ерменија од својот устав ќе ги отстрани територијалните претензии кон Азербејџан“, рече тој.
Осврнувајќи се на објавувањето на нацрт-уставот во Ерменија, Бајрамов го оцени немањето такви претензии како позитивен развој.
„За Азербејџан е важно тоа дека во нацртот на новиот устав нема такви претензии. Ова е позитивен развој. Откако ова прашање конечно ќе биде решено, ќе биде можно да се потпише мировен договор“, рече тој.
Една од најзначајните промени во предложениот документ е што нема какво било повикување на Декларацијата за независност на Ерменија од 1990 година, која содржи одредби поврзани со териториите на кои претензии полагаат Ерменија и Азербејџан.
Повеќепати Баку ги посочи референциите за Нагорно-Карабах во декларацијата како голема пречка за спроведување на мировниот договор што двете земји го потпишаа минатата година. Според ставот на Азербејџан, усвојувањето на новиот устав би ја отстранило оваа пречка.
Сепак, најпрво за нацртот треба да се обезбеди доволно поддршка во Парламентот за да биде доставен на референдум. Иницијативата треба да ја поддржат најмалку две третини од пратениците. Владејачката партија на Пашинјан во моментов има 64 пратенички места и ѝ се потребни најмалку уште шест гласа за да го достигне потребниот праг.
Односите меѓу Баку и Ереван се напнати од 1991 година, кога ерменската војска го окупираше Карабах, територија што меѓународно е призната како дел од Азербејџан, како и седум соседни региони.
Поголем дел од територијата беше ослободен од Азербејџан во текот на 44-дневната војна есента 2020 година, која заврши со мировен договор со посредство на Русија, отворајќи го патот за нормализација на односите и демаркација на границата.
Во септември 2023 година Азербејџан воспостави целосна контрола врз Карабах.