Hüseyin Burak Demirer
24 Април 2017•Ажурирај: 25 Април 2017
АНКАРА (АА) - По Герд Милер (Баерн Минхен), Џими Мекгрори (Селтик) и Уве Зелер (Хамбург), аргентинскиот напаѓач на Барселона, Лионел Меси, стана четвртиот фудбалер кој постигнал 500 погодоци во официјалните натпревари во дресот на само еден европски фудбалски клуб, јавува Anadolu Agency (AA)
Меси (29) на двапати ја погоди мрежата на Реал Мадрид во 33. коло на шпанската Ла Лига, и стигна до својот 500. погодок во одиграните 577 натпревари во дресот на Барселона.
Аргентинскиот репрезентативец има постигнато 343 погодоци во шпанската Ла Лига, 94 гола во Лигата на шампионите УЕФА, 43 гола во шпанскиот Кралски куп, 12 гола во Супер купот на Шпанија, 5 гола во Светскиот куп на клубовите на ФИФА, и 3 гола во Супер купот на УЕФА. Тој стана четвртиот фудбалер на сите времиња кој постигнал 500 погодоци во официјалните натпревари во дресот на само еден европски фудбалски клуб.
Меси во својата кариера постигна 32 хет-трик погодока, во четири натпревари постигна по 4 погодоци, а на еден натпревар има постигнато и 5 погодоци. Најголем број погодоци, дури 72, Меси успеа да постигне во сезоната 2011-2012, додека оваа сезона досега има постигнато 47 погодоци.
Аргентинецот Меси на 6 декември 2016 година од легендарниот португалски фудбалер Еузебио ја грабна четвртата позиција на „списокот на фудбалери кои постигнале најмногу голови во дресот на само еден европски фудбалски клуб“, а сега ја посакува третата позиција на која се наоѓа германскиот репрезентативец Уве Зелер. Зелер во периодот од 1954 до 1972 година, во дресот на германскиот фудбалски клуб Хамбург постигнал 507 погодоци.
Герд Милер со постигнати 525 погодоци во дресот на Баерн Минхен во периодот од 1965 до 1979 година е лидер на списокот со фудбалери кои постигнале најмногу погодоци во дресот на само еден европски фудбалски клуб. Второпласиран на вечната листа е шкотскиот репрезентативец Џими Мекгрори, со постигнати 522 погодока во дресот на Селтик во периодот од 1922 до 1937 година.