Abdullah Aşıran
09 Мај 2019•Ажурирај: 10 Мај 2019
РОТЕРДАМ
Голем простор во холандскиот печат зазеде синоќешниот пораз на Ајакс од Тотенхем од 2:3 во полуфиналето на УЕФА Лигата на шампиони, јавува Anadolu Agency (AA).
Весникот „Де Волксрант“ (De Volkskrant) на својата насловна стави текст под наслов „За влакно“, во кој наведува дека екипата на Ајакс, на еден драматичен начин стигнала до крајот на своето патување во европското најпрестижно фудбалско клупско натпреварување УЕФА Лига на шампиони, потенцирајќи дека учеството во финалето на ЛШ го спречил погодокот на Тотенхем во последните секунди од натпреварот.
Во продолжение се наведува дека и покрај тоа, Ајакс годинава направи извонредна европска авантура која ќе остане во сеќавањата, и се додава дека ајаксовиот млад тим на секој натпревар со својата игра и стил го добил посакуваното, но сепак Купот на ЛШ ќе замине во Англија.
Весникот НРЦ (NRC) објави текст под наслов „Драмата на Ајакс во последната минута“, во кој наведува дека екипата на Ајакс, која второто полувреме го започна со резултат 2:0, на еден безмилосен начин им стави крај на извонредните успеси во Лигата на шампиони и не успеа да се пласира во финалето на ова најпрестижно европско фудбалско клупско натпреварување.
„Ајакс се сопна во последната минута“, е насловот што го објави весникот „Де телеграф“ (De Telegraaf), истакнувајќи дека Амстердам плачел поради елиминацијата на Ајакс и речиси сите љубители на фудбалот во Холандија биле разочарани.
Јавниот радиодифузен сервис НОС (NOS) напиша: „Боли. Ајакс во последниот момент го пропушти финалето на Лигата на шампиони“, додека весникот „Алгемен дагблад“ (Algemeen Dagblad) објави текст под наслов „Ајакс е елиминиран, иако се бореше“.