09 Мај 2019•Ажурирај: 12 Мај 2019
ЛИСАБОН (АА) - Фернандо Сантос, селектор на португалската фудбалска репрезентација, потврди дека Кристијано Роналдо ќе игра на финалниот турнир во Лигата на нациите, пренесува Anadolu Agency (AA).
Роналдо по Светското првенство во Русија, одржано минатото лето, пропушти шест натпревари на Португалија, вклучувајќи ги и сите дуели во Лигата на нациите. Во дресот со државниот грб се врати на отворањето на квалификациите за ЕВРО 2020.
„Роналдо има континуирана благодарност и страст кон својата земја. Неговото отсуство во првата фаза од Лигата на нациите имаше одлично објаснување и беше сосема легитимна и разбирлива одлука. Тој сѐ добро ни објасни. Сфативме дека е најдобро тој да не биде со нас во тој период“, изјави Сантос за португалските медиуми.
Селекторот на актуелниот шампион на Европа рече дека Роналдо, доколку биде здрав, сигурно ќе биде на листата на играчи за финалниот турнир од Лигата на нациите, кој ќе го објави 23 мај.
Завршниот турнир од првото издание на Лигата на нациите ќе се одржи од 5 до 9 јуни во Португалија. Во полуфиналните средби ќе се сретнат Португалија - Швајцарија на 5 јуни и Холандија - Англија ден подоцна. Финалето на програмата е на 9 јуни во Порто.