Dejan Maksimoviç
14 Октомври 2016•Ажурирај: 15 Октомври 2016
РИМ (АА) - Кристијано Роналдо, фудбалскиот репрезентативец на Португалија и играч на Реал Мадрид, за италијанските медиуми изјави дека себеси се смета за најдобриот фудбалер на светот, и дека неговата желба да продолжи да напредува е клуч за неговиот успех, јавува Anadolu Agency (AA).
Роналдо се смета за еден од најголемите фаворити за признанието „Златна топка на ФИФА“ (FIFA Ballon d'Or) во 2016 година, кое му се доделува на најдобриот играч на светот. Роналдо во годината што се ближи кон крајот стана европски шампион со репрезентацијата на Португалија, но и со Реал, така што не би било големо изненадување ако по третпат, по 2013 и 2014 година, биде прогласен за најдобар на светот.
„Во мојата глава, јас сум најдобриот фудбалер на светот. Секој ден работам многу напорно со амбиција да бидам најсилен. Другите нека ме оценуваат. Секогаш сакам да се подобрам себеси и својата игра. Со тоа, многу сум мотивиран и верувам дека тоа е клучот на мојот успех“, изјави Роналдо за италијанските медиуми.
Извонредниот фудбалер има проблеми на почетокот на новата сезона поради повредата што ја доби во финалето на Европското првенство, летото во Франција. Но, верува дека наскоро ќе биде во топ-форма.
„Претрпев тешка повреда во финалето ЕВРО 2016, поради што два и пол месеца бев надвор од теренот. Меѓутоа, сега се чувствувам добро. Се вратив на своето вообичаено ниво и подготвен сум да уживам во уште една спектакуларна сезона“, изјави Португалецот.
Роналдо во Реал стигна во 2009 година, од Манчестер Јунајтед. Оттогаш, за кралскиот клуб има одиграно 353 натпревари и постигна неверојатни 367 гола. Во дресот на Португалија има 135 настапи, со 66 гола.