АНКАРА (АА) - Кошаркарската легенда Коби Брајант и неговата ќерка загинаа во хеликоптерска несреќа во близина на Лос Анџелес утрово, јавија американските медиуми, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Одделот на шерифот на округот Лос Анџелес соопшти дека пет лица загинале во хеликоптерската несреќа која се случила во Калабасас, и дека во несреќата нема преживеани.
„Потврдена е смртта на пет лица, во хеликоптерската несреќа во Калабасас нема преживеани... Истрагата е во тек", беше соопштено на Твитер.
„Коби Брајант е еден од загинатите во хеликоптерската несреќа недалеку од Лос Анџелес, потврди извор за ESPN“, потврди НБА инсајдерот, Адријан Војнаровски на својот профил на Твитер.
Ќерката на Коби, Џијана Марија-Онор Брајант (13) се наоѓала во хеликоптерот, двајцата патувале на тренинг во објектот за обука на Брајант, „Академија Мамба“.
„Извори: Коби Брајант беше тргнат на кошаркаски натпревар со својата ќерка Џијана. Во хеликоптерот биле уште еден играч и еден родител“, објави Војнаровски во друг твит.
„Кошаркарскиот великан Коби Брајант и тројца други загинаа во хеликоптерска несреќа во Калифорнија. Тоа е ужасна вест!“, рече американскиот претседател Доналд Трамп.
Легендарниот бек на Лос Анџелес Лејкерс, Коби Брајант (41), беше петкратен шампион во НБА.
Брајант, својата славна 20-годишна кариера, ја помина со Лејкерси. Тој му помогна на тимот на САД да освои два олимписки медали во Пекинг 2008 и Лондон 2012 година.
Коби освои и Оскар во 2018 година, за филмот „Драгата кошарка“, кој беше номиниран за најдобар анимиран краток филм. Филмот го прикажува Брајант како дете, сонувајќи еден ден да стане шампион во кошарка и НБА ѕвезда.