Yunus Kaymaz
27 Јануари 2020•Ажурирај: 28 Јануари 2020
ИСТАНБУЛ
- Јунус КАЈМАЗ
Викендов продолжија натпреварите во 4-те најголеми фудбалски лиги на Европа, Ла Лига - Шпанија, Серија А - Италија, Бундеслига - Германија и Лига 1 - Франција, јавува Агенција Анадолија (АА).
Поради натпреварите во ФА купот, викендов не се одиграа натпреварите во англиската Премиер лига. По последното коло во европските фудбалски лиги, Ливерпул е лидер во Премиер лигата, Реал Мадрид го презеде водството во Ла лига, Јувентус води во Италија, Париз Сен Жермен е лидер во Лига 1, а Лајпциг се наоѓа на врвот од табелата во Бундеслигата.

- Ла лига
Барселона под водство на тренерот Кике Сетиен во последното коло влезе како лидер на табелата во Ла лигата. Барселона му гостуваше на тимот на Валенсија при што претрпе пораз од 2:0.
Ваљадолид на домашен терен го пречека тимот на Реал Мадрид. Гостите извојуваа минимална победа од 0:1, но победа што на Реал му го донесе првото место на табелата по поразот на Барселона.
Во борбата за шампионската титула учествува и тимот на Атлетико Мадрид. Атлетико на домашен терен одигра без погодоци 0:0 против Леганес. Третопласираната Севиља на домашен терен ја совлада Гранада со 2:0.
По 21. коло во шпанската Ла лига, првата позиција на табелата ја презеде Реал Мадрид со 46 бода. Следуваат Барселона со 43, Севиља со 38 и Гетафе и Атлетико Мадрид со по 36 бода.
- Серија А
Јувентус, кој пред започнувањето на колото се наоѓаше на лидерската позиција, ја зголеми бодовната разлика над Интер, кој одигра нерешено во последното коло.
Кристијано Роналдо беше еден од стрелците за „црно-белите“ во натпреварот против Наполи што Јувентус го доби со 2:1.
Антонио Конте, кој се обидува со Интер да ја прекине шампионската серија на Јувентус во Серија А, на гостинскиот терен на Каљари одигра нерешено 1:1.
Третопласираниот Лацио ѝ гостуваше на четвртопласираната Рома. Натпреварот заврши нерешено 1:1.
По 21. коло во Серија А, Јувентус остана на врвот од табелата со 51 бод. Второпласиран е Интер со 48 бода, а следуваат Лацио со 46 и Рома со 39 бода.
- Бундеслига
Лајпциг, лидерот во Бундеслигата, ѝ гостуваше на екипата на Ајнтрахт Франкфурт. Ајнтрахт со 2:0 го совлада Лајпциг и му зададе голем удар во трката за шампионската титула.
Актуелниот шампион на Германија, екипата на Баерн Минхен, на домашен терен го торпедираше гостинот Шалке 04, извојувајќи победа од 5:0. Екипата на Борусија Менхенгладбах со 3:1 го совлада Мајнц 05.
По 19. коло во германската Бундеслига, Лајпциг ја задржа лидерската позиција со 40 бодови, но Баерн Минхен се приближи на бод-разлика и со 39 бода ја продолжува борбата за шампионската титула на Германија. Следуваат Борусија Менхенгладбах со 38 и Борусија Дортмунд со 36 бода.
- Лига 1
Лидерот Париз Сен Жермен (ПСЖ) како гостин го совлада Лил со 0:2. Второпласираниот Олимпик Марсеј одигра нерешено без погодоци 0:0 против Анжер, овозможувајќи му на ПСЖ да ја зголеми бодовната разлика на 10.
Екипата на Рен, која се бори за врвот од табелата, на гостинскиот терен на Ница одигра нерешено 1:1.
По 21. коло во француската Лига 1, ПСЖ се наоѓа на врвот со 52 бода. Следуваат Олимпик Марсеј со 42, Рен со 37 и Монпелје со 33 бода.