Ekipa
11 Мај 2018•Ажурирај: 12 Мај 2018
ПАХОА (АА) - Дејвид Иге, гувернерот на Хаваи, побара од претседателот на Соединетите Американски Држави (САД), Доналд Трамп, да прогласи состојба на катастрофа во таа држава поради вулканската ерупција и земјотресите на Големиот Остров, јавува Anadolu Agency (AA).
Иге денес изјави дека обемот на катастрофата е толку сериозен што е неопходна федерална помош.
Државните службеници проценуваат дека во следните 30 дена за да се заштити населението ќе бидат неопходни повеќе од 2,9 милиони долари (околу 2,4 милиони евра). Трошоците ќе се зголемат ако има потреба од големи воздушни или морски евакуации.
Минатата недела, откако лава излезе од пукнатините во земјата и изгоре дваесетина куќи, наредена е евакуација на населението во две населби.
Иге вели дека постојат шанси за евакуација од големи размери со оглед на тоа што се појавија голем број пукнатини. Тој додаде дека спроведувањето на една таква голема евакуација е надвор од способностите на округот и државата.
Минатата недела вулканот Килауеа на Големиот Остров, по серијата земјотреси исфрли лава. Килауеа е еден од најактивните вулкани во светот и еден од петте на Големиот Остров.