Emre Aytekin
08 Мај 2018•Ажурирај: 08 Мај 2018
ПАХОА (АА) - Активираниот вулкан на Хаваите досега уништи најмалку 35 објекти на Големиот остров, а ерупциите не се смируваат, пренесува Anadolu Agency (AA).
Неодамнешната ерупција на вулканот Килауеа ги принуди властите на евакуација на најмалку 1.700 жители на Лејлани Естејтс.
Локалниот претставник Вил Окабе соопшти дека поради вулканската активност дошло до отворање нови пукнатини од кои извира вжарена лава.

„Пожарите и понатаму се разгоруваат во подрачјето и моментално е невозможно да се утврди колку станбени објекти освен овие 35 се уништени“, рече Окабе.
Портпаролката на Опсерваторијата за вулкани на Хаваи, Џенет Баб, соопшти дека се отворени две пукнатини и дека моментално излегува лава од вкупно 12 пукнатини.
Од Опсерваторијата сè уште нема никакви назнаки кога би можело да дојде до смирување на вулканската активност и ширење на лавата која покри подрачје со површина од околу 36.000 квадратни метри.