Gülşen Topçu
08 Мај 2018•Ажурирај: 09 Мај 2018
ЕРУСАЛИМ (АА) - Министерството за надворешни работи на Израел соопшти дека властите на Парагвај планираат наскоро да ја преместат Амбасадата од Тел Авив во Ерусалим (Кудс), јавува Anadolu Agency (AA).
„Претседателот на Парагвај, Орасио Картес, планира кон крајот на овој месец да го посети Израел и свечено да ја отвори Парагвајската амбасада во Ерусалим“, изјави гласноговорникот на израелското Министерство за надворешни работи, Емануел Нахшон.
Истакнувајќи дека тоа е фантастична вест, Нахшон рече дека Ерусалим како главен израелски град има сè поголема поддршка на меѓународно ниво.
Властите на Парагвај не го коментираа случајот.
Претходно и претседателот на Гватемала, Џими Моралес, најави дека и Гватемала во мај ќе ја пресели Амбасадата од Тел Авив во Ерусалим.
Претседателот на Соединетите Американски Држави (САД), Доналд Трамп, на почетокот на декември минатата година потпиша одлука со која го призна градот Ерусалим (Кудс) како главен град на Израел, и најави преселување на Американската амбасада од Тел Авив.
Тој потег на Трамп предизвика остри критики од палестинска страна и од поголемиот дел од меѓународната заедница, и доведе до продлабочување на кризата на Блискиот Исток.