свет

„Пресвртот во политиката на САД за израелските населби е ново кривично дело"

„Ова е ново кривично дело што треба да се додаде во низата злосторства извршени од сегашната американска администрација врз палестинскиот народ и нивната кауза“, рече амабасадорот на Палестина во Турција, Фаед Мустафа

Ali Abo Rezeg  | 21.11.2019 - Обновена : 22.11.2019
„Пресвртот во политиката на САД за израелските населби е ново кривично дело"

АНКАРА (АА) - Амбасадорот на Палестина во Турција изјави дека пресвртот во политиката на САД за нелегалноста на израелските населби во окупираниот Западен Брег претставува „ново кривично дело“ против палестинскиот народ, јавува Агенција Анадолија (АА).

Во понеделникот, американскиот државен секретар, Мајк Помпео, изјави дека израелските населби на територијата на Западен Брег нема повеќе да се сметаат за нелегални „сами по себе“.

„Ова е ново кривично дело што треба да се додаде во низата злосторства извршени од сегашната американска администрација врз палестинскиот народ и нивната кауза“, рече Фаед Мустафа во разговор за Агенција Анадолија.

„Прашањето за населбите е сè уште на маса, како и другите прашања поврзани со статусот, како што се Ерусалим (Кудс) и бегалците, што треба да се решат преку преговори меѓу Палестинците и Израелците“, рече тој.

Мустафа рече дека потегот на САД „му дал на Израел наводно право да ги анектира овие населби и покрај тоа што Израел се согласил да преговара за ова прашање“.

Речиси 650.000 израелски Евреи во моментот живеат во повеќе од 100 населби изградени уште во 1967 година, кога Израел ги окупираше Западен Брег и Источен Ерусалим (Кудс).

Палестинците инсистираат повторно да го добијат Западниот Брег заедно со Појасот Газа за формирање на идната палестинска држава.

Меѓународното право ги смета Западниот Брег и Источен Ерусалим како окупирани територии и сите активности за градење еврејски населби ги смета за нелегални.

Мировните преговори поддржани од САД се распаднаа во 2014 година, поради одбивањето на Израел да запре со изградбата на населби на Западниот Брег и да ги прифати границите пред 1967 година, како основа за решение за две држави.

Палестинците го отфрлија секое американско посредување во мировните преговори со Израел, откако Вашингтон го призна Ерусалим (Кудс) за главен град на Израел кон крајот на 2017 година.

Ерусалим останува во срцето на повеќедеценискиот конфликт на Блискиот Исток.

- Политички бес -

Мустафа изјави дека потегот на САД не претставувал ништо друго освен „политички бес“.

„Меѓународната заедница мора веднаш да интервенира да го запре ова фијаско. Меѓународната заедница треба да ги преземе своите морални и правни одговорности во овој поглед“, изјави палестинскиот амбасадор.

Како одговор на потегот на САД, Европската Унија повтори дека израелските населби остануваат нелегални во рамките на меѓународното право.

„Ставот на Европската Унија за израелската политика за населби во окупираната палестинска територија е јасен и останува непроменет: целата активност за населбите е нелегална според меѓународното право и ја еродира одржливоста на дводржавното решение и изгледите за траен мир, како што е потврдено од Резолуцијата 2334 на Советот за безбедност на ОН “, изјави шефицата за надворешна политика на ЕУ, Федерика Могерини.

Мустафа го поздрави ставот на ЕУ.

„Меѓународната заедница побрза да ја осуди одлуката на САД, како што го направија тоа и со едностраните чекори преземени од актуелната администрација во 2017 година“, рече Мустафа, осврнувајќи се на признавањето од САД на Ерусалим за главен град на Израел и одлуката на Трамп за укинување на годишната помош на Агенцијата на ОН за палестински бегалци (UNRWA).

Тој рече дека палестинското раководство во моментов разговара за потезите за да одговорат на американската објава, истакнувајќи дека Рамала побарала одржување итен состанок на арапските министри за надворешни работи за да разговараат за одлуката на САД.

„Размислуваме, исто така, да свикаме министерски состанок на Организацијата на исламска соработка (OIC) за да разговараме за ова прашање“, рече амбасадорот на Палестина во Турција.

„Сите ние треба да се собереме против оваа несовесност, која нема за цел ништо друго освен да ги поткопа мировните иницијативи со кои меѓународната заедница се појави во последните децении за решавање на конфликтот“, додаде тој.

- Ставот на Турција -

Палестинскиот претставник го пофали отфрлањето од Турција на ваквата променлива политика на САД за израелските населби.

„Го поздравуваме ставот на Турција, која го отфрли и осуди овој потег на САД уште во првите часови“, изјави Мустафа.

„Не само турските официјални претставници, туку и јавноста и различни политички партии остро го осудија потегот на САД“.

Турското Министерство за надворешни работи го опиша потегот на САД како нов пример за несовесно однесување со легитимизирање на нелегалните акти на Израел, што нема валидност во однос на меѓународното право.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın