Almir Terzic
24 Април 2024•Ажурирај: 25 Април 2024
ЉУБЉАНА (АА) - Словенечката јавност е шокирана од изјавите на српскиот претседател Александар Вучиќ во Обединетите нации (ОН), поради што реагираа многу словенечки претставници, јавува Анадолу.
Причината се изјавите на српскиот претседател Александар Вучиќ против Словенија по седницата на Советот за безбедност на ОН за Косово.
Се наведува и дека бурните реакции во Србија ги предизвикал минатонеделниот предлог на резолуцијата на ОН за Меѓународниот ден на сеќавање на геноцидот над Бошњаците во Сребреница. Во нејзината подготовка учествуваше и Словенија.
Вучиќ вчера рече дека Србија паднала во замка што и ја поставиле САД, Швајцарија и Словенија.
„Кога доцнеше седницата на Советот за безбедност на ОН се прашував за што се работи, но потоа сфативме дека се договориле со Американците, Словенците и Швајцарците. Не се знае кој е поодвратен, Словенците или некој друг“, рече Вучиќ.
Словенечката министерка за надворешни и европски работи Тања Фајон зборовите на српскиот претседател Александар Вучиќ ги нарече навредливи и неприфатливи, поради што решија да го повикаат српскиот вршител на работите во Љубљана.
„Бараме објаснување, извинување, тоа не е во духот на добрососедските или пријателските односи“, рече таа, нарекувајќи ги зборовите на Вучиќ невистинити.
„Српскиот претседател Александар Вучиќ во изјавата на маргините на седницата на Советот за безбедност на ОН употреби крајно навредливи изрази кои не доликуваат на претседатели на држави, а уште помалку на пријателските односи меѓу словенечкиот и српскиот народ“, изјави словенечкиот премиер Роберт Голоб.
Изјавата на Вучиќ предизвика заострување на односите меѓу Словенија и Србија поради што на разговор во Министерството за надворешни работи на Словенија беше повикан и вршителот на работите во Амбасадата на Србија во Љубљана.