Kasım İleri
16 Март 2017•Ажурирај: 16 Март 2017
ВАШИНГТОН (АА) - Федералниот судија Дерик K. Ватсон од Хаваите ја блокираше ревидираната извршна уредба за мигрантите, донесена од страна на американскиот претседател Доналд Трамп, неколку часа пред таа да стапи на сила, јавува Anadolu Agency (AA).
Трамп на 6. март ја донесе ревидираната уредба во која се изземени државјаните на Ирак, а останаа државјаните на Иран, Либија, Сирија, Сомалија, Судан и Јемен. Ревидираната уредба предвидува да не се издава виза за државјаните на споменатите шест земји во текот на 90 дена, и на 120 дена да се суспендира програмата за прифаќање на бегалците во САД. Исто така, уредбата опфаќа намалување на квотата за бегалците во САД за 2017 година, од 110.000 на 50.000.
Да потсетиме, претходната одлука на Трамп за забрана за патување во САД на државјаните од седум муслимански земји беше одбиена од американскиот суд.
Обвинителот наведе дека оваа уредба директно се однесува на муслиманите и дека со неа се крши членот еден од американскиот Устав бидејќи ги спречува талентираните луѓе да работат и да студираат. Освен тоа, оваа уредба би му наштетила и на туристичкиот сектор.
Адвокатите на Министерството за правда тврдеа дека Трамп како претседател има овластување да донесе ваква одлука и дека уредбата е во согласност со уставот.
Се очекува слична пресуда да биде донесена и во случаите отворени во Вашингтон и во Мериленд.