İdiris Okuduci
26 Јули 2021•Ажурирај: 27 Јули 2021
ТУНИС (АА) - Безбедносните сили во Тунис, по синоќешниот државен удар, упаднаа во канцеларијата во Тунис на телевизијата „Ал Џезира“ со седиште во Катар, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според соопштението објавено на твитер-профилот на „Ал Џезира“, безбедносните сили облечени во цивилна облека упаднале во нивната канцеларија.
Во соопштението се вели дека по извршениот упад, сите вработени биле отстранети од канцеларијата и од нив било побарано да ги исклучат нивните уреди и телефони.
Се истакнува дека по овој упад не биле дадено никакво предупредување од страна на безбедносните службеници на Тунис.
Инаку, синоќа, тунискиот претседател Кајс Саид, тврдејќи дека на земјата ѝ е потребна вонредна состојба поради лошата состојба во врска со корупцијата, ја суспендира работата на Парламентот и го разреши премиерот од функцијата.
Наспроти тоа, претседателот на тунискиот Парламент и претседател на Движењето „Нахда“, најголемата политичка партија во земјата, Рашид ал-Гануши, ја отфрли таа одлука и ги повика граѓаните на Тунис на мирна борба против ваквите одлуки.
Гануши го обвини претседателот Саид за државен удар и порача дека и Владата и Парламентот и понатаму се на должност.
Припадниците на Војската на Тунис во текот на ноќта не дозволија влез во Парламентот на пратениците и на претседателот на ова тело, Гануши.