İdiris Okuduci
26 Јули 2021•Ажурирај: 27 Јули 2021
ТУНИС (АА) – Рашид ал-Гануши, водачот на Движењето „Ен-Нахда“ во Тунис и претседател на Собранието, ќе организира онлајн-состаноци на Парламентот, кој е затворен поради државниот удар, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според вестите на локалните медиуми, Гануши донел нова одлука откако претседателот Кајс Саид ги замрзна овластувањата на Парламентот и не дозволи влегување во зградата на Парламентот во Тунис.
Во веста се наведува дека Гануши ќе ги одржува состаноците на Собранието преку интернет од своето возило што стои пред зградата на Собранието.
Слична изјава како изјавата на Гануши дојде и од Туниската коалиција на честа.
„Коалицијата ќе се состане преку интернет и ќе издаде соопштение со кое ќе го осуди пучот“, се вели во писмената изјава на Коалицијата.
Вчера во Тунис со учество на стотици луѓе се одржаа протести против Владата и опозициските партии, и беа извршени напади врз партиските центри, особено на Движењето „Ен-Нахда“.
Тунискиот претседател Кајс Саид исто така соопшти дека ги замрзнал сите овластувања на Собранието, го суспендирал имунитетот на пратениците, го разрешил актуелниот премиер Хишам ал-Машиши, како и дека ќе ја преземе извршната власт со премиерот што ќе го назначи.
Саид исто така интервенираше во областа на судството, прогласувајќи се за јавен обвинител.
По овој пуч против Владата, војниците не им дозволија на претседателот на Парламентот и лидер на Движењето „Ен-Нахда“, Рашид ал-Гануши, и на пратениците да влезат во Парламентот.
Гануши, по одлуките на претседателот Кајс Саид го повика народот да се бори мирно и истакна дека овој чекор, кој нема правна основа, е државен удар.