Adel Bin Ibrahim Bin Elhady Elthabti
26 Јули 2021•Ажурирај: 27 Јули 2021
ТУНИС (АА) - Поранешниот туниски претседател, Монсеф Марзуки, го осуди распуштањето на Владата и суспендирањето на Парламентот од страна на претседателот на земјата, нарекувајќи го пуч, јавува Агенција Анадолија (АА).
Синоќа, тунискиот претседател Кајс Саид ја распушти Владата, ја замрзна работата на Парламентот и ја презеде извршната власт со помош на новиот премиер.
„Саид го прекрши Уставот на кој се заколна и си ги даде себеси сите овластувања“, рече Марзуки во видеопораката објавена на Фејсбук. „Саид се сметаше себеси за шеф на извршната власт и прв судија“, рече тој.
„Ако пучот успее, економските и здравствените услови [на земјата] уште повеќе ќе се влошат“, предупреди Марзуки, нарекувајќи го Саид „најголемиот проблем за Тунис“.
Во својот вчерашен говор Саид рече дека ќе го укине имунитетот на сите членови на Парламентот и дека ќе ја преземе улогата на јавен обвинител. Појасни дека ја донел оваа одлука по консултации со премиерот Хичем Мечичи и со претседателот на Парламентот, Рашед Ганучи.
Во Тунис се одржуваат протести на населението против Владата и против опозицијата, при што пријавени се напади врз седиштата и објектите на партијата Нахда на Ганучи во неколку туниски покраини.
Од јануари, земјата се наоѓа во политички ќор-сокак поради спорот меѓу Саид и Мечичи околу реконструкцијата на Владата што беше одбиена од Саид.
Земјата се соочува и со економска криза и наплив на случаи на коронавирусот во услови на предупредувања за можен колапс на здравствениот систем на земјата.