Cansu Dikme
27 Декември 2017•Ажурирај: 27 Декември 2017
ТУНИС (АА) - Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, допатува во официјална посета на Тунис, кој е последна станица од неговата повеќедневна африканска турнеја, јавува Anadolu Agency (AA).
По посетата на Судан и на Чад, Ердоган рано утринава допатува во Тунис, а на аеродромот го дочекаа шефот на туниската дипломатија Хемеис Џинауи, специјалниот пратеник на тунискиот претседател, Карои Чеби, турскиот амбасадор во Тунис, Омер Фарук Доган, како и тунискиот амбасадор во Анкара Фејсал Бен Мустафа.
Целта на посетата е јакнење на билатералните односи меѓу Турција и Тунис, а во делегацијата предводена од Ердоган во Тунис допатува и неговата сопруга Емине Ердоган, началникот на Генералштабот на турската армија, Хулуси Акар, турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, како и турските министри за економија, енергетика и природни ресурси, земјоделство, култура и туризам, финансии, образование, одбрана, транспорт и други високи функционери од Анкара.
Во текот на еднодневната посета, Ердоган ќе оствари средба со својот туниски колега Беџи Каид Есебси, а ќе се состане и со шефот на туниската влада Јусеф Чахед.
Ресорните претставници на Турција и на Тунис денес ќе потпишат низа билатерални договори за унапредување на односите и соработката.