Abdullah Aşıran
05 Февруари 2018•Ажурирај: 06 Февруари 2018
ХЕНГЕЛО (АА) - АБДУЛА АШИРАН - Претседателот на Светскиот совет на Асирците, Џони Месо, изјави дека терористичката организација ПЈД/ПКК во северниот дел на Сирија киднапира малолетници и насилно ги носи на боиштата, јавува Anadolu Agency (AA).
Месо во интервју за АА истакна дека ПЈД/ПКК спроведува директен и индиректен притисок врз цивилите во северна Сирија и врши грубо кршење на човековите права.
„Терористите од улиците и од домовите ги киднапираат асирските, арапските и курдските деца и присилно ги носат во редовите на военото крило ЈПГ. Тоа не е ништо ново, тоа се случуваше и во изминатите години“, рече Месо.
Истакнувајќи дека ПЈД/ПКК на јавноста се обидува да ѝ се претстави како некој кој се залага за демократија, за владеење на правото и човековите права, Месо нагласи дека тоа не е случај на теренот, и дека преку таквата реторика тие успеале да регрутираат само мала група Асирци и други етнички групи во Сирија.
„Во изминатите неколку години во северниот дел на Сирија се случуваат многу нешта, но луѓето кои живеат таму се плашат да зборуваат за тоа. Со притисокот кој го врши ЈПГ протерани се голем број луѓе од северна Сирија. Асирците веќе не гледаат иднина во тој регион, многумина веќе ги напуштија своите домови. Западните медиуми не известуваат за поголемиот дел од нештата што се случуваат во регионот и жал ни е поради тоа. Ова што ние се обидуваме да го кажеме не е во согласност со начинот на којшто тоа сакаат да го претстават западните медиуми“, рече Месо.
Потсетувајќи дека терористите на ПЈД/ПКК и нивниот воен огранок ЈПГ окупираа големо подрачје во северниот дел на Сирија, Месо изјави дека терористите сега настојуваат да го задржат тоа подрачје и дека за тоа не бираат средства.
„Интересот на ПЈД/ПКК не е интересот на сирискиот народ. Тие сакаат да формираат своја федерална единица, а на народот му е важна само територијалната целовитост на Сирија. Турција реагира бидејќи сака мир во регионот и не сака да дозволи формирање на парадржавни творби кои би претставувале закана за нејзината безбедност“, рече Месо.