Dildar Baykan
11 Јануари 2019•Ажурирај: 12 Јануари 2019
ЊУ ЏЕРСИ (AA) - ДИЛАР БАЈКАН –
Турчинот Тајфун Селен, дипломиран архитект кој во почетокот на 90-те години се досели во Соединетите Американски Држави (САД), избран е за градоначалник на градот Чатам, во сојузната држава Њу Џерси, со што ја стекна титулата прв Турчин на кој во САД му е доверена оваа должност, пишува Anadolu Agency (AA).
Селен во 1992 година дипломираше архитектура на Техничкиот универзитет во Истанбул, а четири години потоа се досели во САД, поточно во малиот град Чатам, каде што и денес живее. Пред две години е избран во Градскиот совет на Чатам, а на минатонеделните избори е именуван за началник на оваа општина. Селен со тоа стана првиот Турчин избран за градоначалник на една општина во САД.
Во разговорот за АА говореше за својата одлука да влезе во политиката, како и за плановите за иднина. На самиот почеток нагласи дека неговото влегување во политиката било спонтано.
„Никогаш не правев план да се занимавам со политика, но морам да признаам дека политиката секогаш ме привлекувала. Околу 10 години работев во локална комисија за изградба. Потоа ги запознав локалните претставници на Републиканската партија“, раскажа Селен.

Запрашан да го прокоментира и фактот што е прв Турчин кој е избран на позицијата градоначалник во САД, Селен рече дека неговиот избор може да биде инспирација и мотив за останатите жители по потекло од Турција, посебно кога станува збор за младите.
„Секако дека во иднина може да дојде до тоа да имаме сенатори, градоначалници, гувернери, по потекло од Турција. Тоа не е невозможно. Со стапувањето на позицијата градоначалник во една мала општина мислам дека го започнав тоа“, истакнува Селен.
Додаде дека политиката е таква што можеби целите секогаш не се остваруваат, но она што е важно е да се искористи шансата.
„Јас ќе се трудам да ја искористам можноста која ми е укажана, многу ќе работиме за да бидат задоволни нашите граѓани. Освен тоа, ќе водиме еден позитивен дијалог и ќе направиме вистинска работа“, открива Селен.

Нагласи дека е посебно среќен што успеал да направи чекор поради кој неговите сонародници ќе бидат задоволни и горди.
„Ќе дадам сè од себе и се надевам дека ќе ја водам оваа општина на начин што секогаш ќе биде горда на мене. Верувам дека со тоа ќе ги мотивирам и Американците по потекло од Турција. Ќе направам сè за да можат моите сонародници утре да речат: Да, тука во градот Чатам е градоначалник којшто направи многу добра работа“, порача Селен.
На крајот додаде дека тој е првиот градоначалник со турско потекло во Чатам, но не и првиот висок функционер. Како што истакна, во период од 1937 до 1961 година во овој град должноста полициски шеф ја извршувал Рустем Беј, со турско потекло.