Dildar Baykan
01 Февруари 2019•Ажурирај: 02 Февруари 2019
ЊУЈОРК/ЊУ ЏЕРСИ (АА) - Екстремно ниските температури и понатаму траат на северниот дел на САД, што доведе до смртни случаи и затворање на училиштата, владините уреди и пренатрупаност на болниците на тоа подрачје, јавува Anadolu Agency (AA).
Северниот дел на САД го зафатија поларни температури и арктички ветер, па локалните власти беа принудени да прогласат вонредна состојба за да ги заштитат најзагрозените делови на земјата.
Извештаите за смртните случаи и понатаму се менуваат, па последните податоци покажуваат дека од последица на есктремно ниските температури починало 21 лице. Од болницата наведуваат дека примиле стотици лица поради различни видови настинка.
Во Чикаго, третиот најголем град во САД, вчера температурата се спушташе и до минус 29 степени Целзиусови, што е за десет степени постудено од 1985 година, кога беа забележани рекордно ниски температури за тоа подрачје.
Рекордно ниски температури се измерени во Илиноис, и тоа минус 30 степени. Во четврток изутрина во Висконсин беа забележани минус 32 степени, што е најниска измерена температура од 1985 година.
Западен Њујорк го зафати снежна бура која донесе нови 50 сантиметри снег.
Во градот Мајномен во северозападна Минесота живата во шест часот изутрина се спушти на минус 40 степени, а подоцна и до минус 53 степени.
Властите во Илиноис, Висконсин и Мичиген издадоа предупредувања за екстремната студ која го зафати подрачјето на кое живеат околу 60 милиони лица.
За да се заштитат од студениот ветар, луѓето излегуваат надвор прекривајќи ги очите со маски за скијање. Поради ниските температури се затворени и училиштата во одреден градови, а откажани се повеќе од 2.500 домашни и меѓународни летови.
Студениот ветар пристигна од арктичкиот круг и се движи кон источниот брег на САД, а проценките се дека времето ќе се стабилизира за време на викендот.