Mücahit Oktay
05 Септември 2020•Ажурирај: 06 Септември 2020
ЊУЈОРК (АА) - Споделени се снимките од насилното приведување на полицијата, која предизвика смрт на 29-годишниот Стивен А. Долчеаморe во американската сојузна држава Њу Џерси, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Стивен Долчеаморе беше приведен под обвинение за „шетање среде сообраќај и чудно однесување“ на 3 април во градот Трентон, Њу Џерси.
На снимката споделена од страна на семејството се гледа како 4 полицајци го легнуваат на земја лицето коешто е разголено над половината, и со колена го притискаат на грбот.
Исто така на видеото се гледа дека Стивен Долчеаморе, исто како и во случајот со Џорџ Флојд, извикува „не можам да дишам“. Четворицата полицајци остануваат рамнодушни на повикот од Стивен.
Долчеаморе за кратко време престанува да пружа отпор, а се гледа дека неговото тело почнува да помодрува. Се слуша дека еден од полицајците вели: „Пулсот му е слаб.“
Од друга страна, началничката на полицијата во Трентон, Шејла Коли, во соопштението за јавноста, по објавувањето на снимката, рече: „Овој трагичен настан покажува зошто треба да продолжат нашите напори за да го направиме Полицискиот оддел во Трентон да биде поодговорен.“
Коли рече дека тие започнале со обука на полицијата за техники за приведување осомничени, за кои не треба употреба на физичка сила.