Elena Teslova
29 Септември 2026•Ажурирано: 29 Септември 2026
Една жена загина, а двајца мажи се повредени во украинските напади врз населени места во дел од Запорошката Област што се под руска контрола во изминатите 24 часа, соопштија локалните власти денес, јавува Анадолу.
Евгениј Балицки, гувернер на Запорошката Област назначен од Русија, на руската социјална платформа Макс соопшти дека и во други населени места е забележана активност со беспилотни летала.“
„Во селото Коханово, во општинскиот округ Токмак, во напад со беспилотно летало загина жена родена 1975 година, а повреден е маж роден 1987 година. Во селото Новополтавка, во општинскиот округ Чернихив, во напад со беспилотно летало се оштетени две приватни куќи, а повреден е маж роден 1966 година“, рече тој.
Гувернерот на Брјанската Област, Јегор Ковалчук, на Макс соопшти дека во текот на ноќта била оштетена железничката пруга во украинскиот напад врз делницата Тросна-Ржаница, додека по неа минувал возот Смоленск-Брјанск.
„Уште еден непријателски напад врз железницата. Железничките шини на делницата Тросна-Ржаница беа оштетени во текот на ноќта додека минуваше возот Смоленск-Брјанск. Нема жртви“, рече тој.
Железничкиот сообраќај бил прекинат на делницата кај Тросна-Ржаница. По увидот на терен екипа на Руски железници започна со санација, додаде тој.
Руското Министерство за одбрана соопшти дека во изминатите 24 часа руските сили ги презеле населените места Крејдјанка во Харковската Област и Веселоје Поле во Доњецката Област.
Министерството, исто така, соопшти дека во текот на ноќта руските сили извршиле групен напад со прецизно наведувано оружје и со беспилотни летала врз логистички центри, пристанишна и транспортна инфраструктура, како и пловила што ги користат украинските вооружени сили.
Од руското Министерство за одбрана наведоа дека било погодено локомотивското депо во Киев, тврдејќи дека во него се наоѓало складиште за крстосувачки ракети со копнено лансирање „Фламинго“ и нивни компоненти.
Исто така, Министерството соопшти дека биле извршени напади врз два центра за податоци во главниот град – „Бимобајл“ и „Паркови“ – за кои тврди дека обработувале и разменувале интернет-сообраќај и податоци за украинските вооружени сили.
Министерството соопшти дека во Киевската Област бил погоден магацински терминал во Билохородка, за кој тврди дека се користел за производство и складирање беспилотни летала со фиксни крила.
Руското Министерство извести за напади во Одеската Област врз електричната трафостаница Усативо, за која тврди дека ја снабдувала со електрична енергија украинската пристанишна инфраструктура, како и врз објект за производство на беспилотни летала со фиксни крила во Великидолинске и пристанишната инфраструктура во Измаил, која се користи за прием и ракување со воен товар.
Исто така, беше соопштено дека во пристаништето Одеса било погодено товарно пловило со воена опрема наменета за украинските вооружени сили.
Украинските медиуми, пак, објавија дека министерот за одбрана Јевхен Хмара требало да ги посети Германија и Норвешка оваа недела, но посетите биле откажани поради ситуацијата во Украина и зголемувањето на руските напади.
Украинските воздухопловни сили соопштија дека во текот на ноќниот руски напад собориле една противбродска ракета „Циркон/Оникс“, две балистички ракети „Искандер-М/С-400“ и 106 беспилотни летала.
Генералштабот на Украина, исто така, извести за напади врз радарската станица „Каста“, командни пунктови за беспилотни летала и складишта.
Тврдењата на двете страни тешко може независно да се потврдат поради тековниот конфликт.