живот

Првиот Турчин началник на полицијата на Патерсон во САД: Неправдата причина да стане полицаец

„Кога бев млад учествував во една тепачка. Тогаш за првпат имав искуство со полицијата. Почувствував дека на тој настан не беа праведни кон мене. Ете тоа беше причината да станам полицаец“, рече началникот Ибрахим Бајчора

Islam Doğru  | 06.02.2020 - Обновена : 08.02.2020
Првиот Турчин началник на полицијата на Патерсон во САД: Неправдата причина да стане полицаец ( Foto: Tayfun Coşkun/ Anadolu Agency )

ЊУЈОРК (АА) - Ибрахим Мајк Бајчора, првиот Турчин назначен за началник на полицијата на градот Патерсон во државата Њу Џерси, каде што живеат голем број Турци, во разговор за Агенција Анадолија (АА) ја раскажа својата успешна приказна.

- „По церемонијата мојот телефон не престана да ѕвони“

Ибрахим Бајчора, истакнувајќи дека до него стигнале голем број честитки откако бил назначен на функцијата началник на Патерсон, рече: „По церемонијата мојот телефон не престана да ѕвони. Моите роднини ми кажаа дека веста дека сум назначен за началник набргу се проширила во Турција, дури и до земјите од Кавказ. Сѐ уште доаѓаат пораки со честитки.“

Ибрахим Бајчора истакна дека пораснал во семејството Карачај, кое од Кавказ мигрирало во Ескишехир, а оттаму во 1960 година се преселило во САД, кога тој имал само една година.

„Во Патерсон пораснав во семејство кое беше посветено на своите традиции. Имав многу строг татко, но посветен на своето семејство. Тој сакаше да се школувам. Бев примен на Универзитетот во Бостон, но не можев да студирам бидејќи беше многу скап. Една година подоцна преминав на Универзитетот „Рутгерс“ во Њу Џерси. Дипломирав во две области, хемиско инженерство и бизнис“, нагласи Ибрахим Бајчора.

- Една тепачка во која учествував како млад, стана причина да станам полицаец"

Изјавувајќи дека по дипломирањето започнал да работи како инженер, Бајчора рече дека никогаш немал намера да стане полицаец.

„Всушност, од раѓање јас сум многу срамежлив човек. Воопшто не сакав да бидам полицаец или началник како што сум сега. Кога бев млад учествував во една тепачка. Тогаш за првпат имав искуство со полицијата. Почувствував дека на тој настан не беа праведни кон мене. Ете тоа беше причината да станам полицаец“, рече началникот Ибрахим Бајчора.

Истакнувајќи дека во полициското училиште постигнал одлични резултати, Бајчора нагласи: „Тогашниот градоначалник ме повика во неговата канцеларија и ми рече: ’Ако ја сакате оваа работа, започнете уште утре.‘ Следното утро почнав да работам како полицаец, немав ниту можност да ги известам моите претпоставени од претходната работа.“

Наведувајќи дека долго време патролирал по улиците на Патерсон, Бајчора рече: „За време на моите 32 години полициска служба се стекнав со големо искуство, работев напорно и со помош на Бога, денес сум тука.“

- „Никогаш не жалев што ја избрав оваа професија“

Посочувајќи дека секој град има лоши и добри страни, Бајчора рече дека и во Патерсон има проблеми со дрога, оружје и јавниот ред.

„Мојата најголема грижа се состои во тоа во мојот град некој да не биде застрелан и убиен. Мојата примарна цел е да го одржувам јавниот ред и мир“, рече Бајчора.

Споделувајќи ги информациите дека под негова команда има околу 400 полицајци, началникот Бајчора истакна: „Во мојот 32-годишен професионален живот во Патерсон запознав многу луѓе, кои ги засакав како браќа. Никогаш не жалев што ја избрав оваа професија. Ако повторно имам можност да изберам, нема да менувам ништо.“

- „Куранот врз кој дадов заклетва на церемонијата, ѝ припаѓа на баба ми“

Бајчора, исто така, сподели интересен детаљ за Куранот, врз кој дал заклетва за време на церемонијата која се одржа во зградата на Општината.

Наведувајќи дека Куранот, врз кој ја дал својата заклетва, припаѓа на неговите сакани баба и дедо, Бајчора рече: „Пораснав гледајќи ја баба ми како секој ден го чита тој Куран. Има огромно влијание врз мене.“

Бајчора исто така упати порака до жителите кои се по потекло од Турција а кои живеат во САД.

„Никогаш да не се откажат од своите соништа. Америка е прекрасна земја. Секако дека секоја земја има свои добри и лоши страни. Но во оваа земја има многу можности за оние што вложуваат напор. На пример, моите корени се од Турција и имам силни чувства кон Турција, а исто така и позитивно искуство. Многу ја сакам Турција. Нејзината историја, култура, луѓето, храната... Сѐ е прекрасно“, потенцираше Бајчора, додавајќи дека оваа година планира да ја посети Турција. 

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.