Tunahan Akgün
26 Јануари 2020•Ажурирај: 28 Јануари 2020
КАЈСЕРИ (AA) - Идрис Талих, пензиониран учител кој живее во турскиот град Кајсери, е вистински доказ дека упорноста и константната работа и трудот на крајот вродуваат со плод.
Тој во разговор за Агенција Анадолија (АА) раскажа дека го остварил својот сон од детството и станал адвокат во својата седумдесетта година.
Во текот на детството, но и по него, живеел во многу тешки услови поради што не можел навреме да запише факултет и да стане адвокат, што секогаш, како што рече, му била голема желба.
Сепак, по заминувањето во пензија, кога имал многу слободно време, одлучил напорно да учи и да се подготви за испитите и на крајот и успеал во својата намера и на свои 65 години запишал Правен факултет на Универзитетот „Ерџиес“.
Пет години подоцна успеал да заврши факултет, да се стекне со толку посакуваната титула, но и да добие адвокатска лиценца.
Истакна дека напорно работел и учел за да стане адвокат, додавајќи дека посебно е среќен поради тоа што самиот себеси, но и на другите им покажал дека доколку вистински се сака, во животот може да се постигне сè.
Раскажа дека кај него отсекогаш постоела желба за правните науки, дури и додека работел како просветен работник.
„Додека размислував за значењето за владеењето на законите, посебно ме интересираа Аристотел и Сократ. Секогаш многу читав. Сакав тоа знаење да го искористам во практика. Отидов во пензија и тогаш одлучив дека ќе му се посветам на правото. Потоа дипломирав и тогаш одев на практика. Добив и адвокатска лиценца за што посебно сум горд“, додаде Талих, напоменувајќи дека во адвокатската работа, пред сè, сака да се води од принципите на правдата и совесното работење.
Истакна и дека навистина многу уживал во текот на студентските денови поминати на Правниот факултет.
„Тоа за мене беше огромна среќа. Мислам дека ова во некоја смисла е најубаво наследство на моите деца. На децата можеби во материјална смисла и не можев многу нешто да им оставам, но убаво е чувството кога ќе им покажете дека успеавте да носите адвокатска униформа“, рече Талих.
Ги посоветува младите и сите луѓе никогаш да не престанат да сонуваат, бидејќи само таков животен став води кон остварување на секој успех.