İdris Okuducu
26 Октомври 2017•Ажурирај: 26 Октомври 2017
ЕРБИЛ (АА) - Ирачките сили и пешмергите се судрија во близина на градот Алтунќопру, во подрачјето на Киркук. Постојат информации дека во судирот има загинати и ранети, јавува Anadolu Agency (AA).
Командантот на 5. фронт на пешмергите, Кемал Керкуки, за АА изјави дека ирачките сили и силите на Хашди Шаби се судриле со пешмергите на излезот од градот Алтунќопру, на патот Ербил – Киркук.
Командантот Керкуки информираше дека судирот продолжува без намалување на интензитетот, и додаде дека има 9 загинати од страна на силите на Хашди Шаби.
По повлекувањето на пешмергите, на 20 октомври ирачките сили воспоставија контрола над градот Алтунќопру, кој се наоѓа на околу 40 километри од центарот на Киркук.
Продолжуваат судирите северозападно од Мосул
Агенцијата за безбедност на Регионалната курдска управа на северниот дел на Ирак (IKBY) соопшти дека северозападно од Мосул, во утринските часови се уништени 3 тенка, 5 хамери и 1 оклопно возило за транспорт на лица, кои им припаѓале на ирачките сили и на Хашди Шаби.
На тромеѓето Турција – Ирак – Сирија, северозападно од Мосул, во местото Фишхабур започнаа воени операции предводени од силите на Хашди Шаби и силите за брзи интервенции, кои се дел од Министерството за внатрешни работи на Ирак.
Безбедносната агенција на Регионалната курдска управа на северниот дел на Ирак претходно издаде соопштение во коешто се тврди дека цел на нападите на Хашди Шаби и на ирачките сили е неформалниот транзитен премин кај местото Фишабур, кој се наоѓа на околу 35 километри од граничниот премин Рабија.
Ирачките сили вчера воспоставија целосна контрола врз граничниот премин Рабија, северозападно од Мосул.