Fatma Esma Arslan
12 Март 2021•Ажурирај: 12 Март 2021
ДАКАР (АА) - ФАТМА ЕСМА АРСЛАН
Сенегалката Салимата Дијата, која мораше да се грижи за егзистенцијата на своето семејство, бидејќи нејзиниот сопруг ја остави, секој ден станува во раните утрински часови и продава 12 вида храна што ги подготвува на уличната тезга и се грижи за нејзините три деца.
Дијата (50), која живее во Гведиавае, едно од најсиромашните предградија на главниот град Дакар, веќе осум години, храната што ја подготвува во својот дом ја продава на својата тезга во улицата „Хамо“ бр. 6.
Во разговор за Агенција Анадолија (АА), Дијата раскажа за тоа како започнала со оваа работа, нејзините цели и борбата за живот.
Истакнувајќи дека научила да готви од нејзината баба, Дијата рече дека откако некое време работела на разни работни места, пред осум години започнала да готви и продава храна.
„Се будам во 04:00 часот наутро, подготвувам 12 вида храна, од помфрит до манџа со леќа. Во 07:00 часот почнувам да ја продавам храната на мојата тезга во аголот“, нагласи Дијата.
Наведувајќи дека луѓето кои одат на работа и училиште наутро застануваат на нејзината тезга, Дијата рече дека поголемиот дел од храната завршува во 11:00 часот.
- „Кога не можам да одам на работа, муштериите ми доаѓаат пред врата“
Дијата, која се развела од сопругот пред осум години, рече дека сама заработува за животните трошоци и се грижи за егзистенцијата на семејството.
„Мојата работа е тешка, но тоа го правам со љубов. Имам три деца. Морам да ги образовам. Нема никој друг што заработува пари освен јас. Благодарение на оваа работа, се храниме и ја плаќам киријата“, нагласи Дијата.
Меѓу другото, Дијата истакна дека не зема пари од учениците кои учат во медреса и дека дава на вересија на оние кои не се во добра економска состојба.
Таа исто така нагласи дека еден петок во месецот дели бесплатна храна како хуманитарна помош.
Додавајќи дека не сака нејзините деца да го работат истото, Дијата рече:
„Кога ќе се разболам и не можам да одам на работа, луѓето од соседството доаѓаат пред мојата врата и прашуваат зашто не сум на тезгата. Со голем дел од моите муштерии станавме пријатели, дури сме како семејство. Мојата најголема цел е децата да учат и да најдат пристојна работа. Не се жалам на мојата состојба. Го сакам животот, но сакам тие да постигнат повеќе. Не сакам ништо друго.“
- „Мојот совет до жените е да заработуваат свои пари“
Дијата раскажа дека започнала да работи на млада возраст.
„Имам 50 години, ќе работам сѐ додека живеам. Мој совет до жените е да заработат свои пари. Маж ми ме остави за да се ожени за друга жена. Останав сама со три деца. Фала му на Бога, работев, заработив. Веќе не се плашам од ништо. Не знам што ќе донесе животот. Треба да имате доверба во себе. Доколку не работев, како ќе се грижев за децата?“
Еден од муштериите на Дијата, 37-годишната Ибу Кујате, рече: „Таа е навистина упорна жена. Таа исто како да е наша мајка, наша сестра. Благодарни сме ѝ за ова што го прави. Таа се бори за своето семејство и помага на секој којшто има потреба. Покрај тоа, храната што ја подготвува е многу вкусна. Сите тука за појадок ја јадат нејзината храна.“