Kasım İleri
12 Март 2021•Ажурирај: 14 Март 2021
ВАШИНГТОН (АА) – КАСИМ ИЛЕРИ –
Соединетите Американски Држави (САД) ги негираа тврдењата во грчките медиуми дека планираат да донираат голем број парчиња оружје и опрема, вклучително и борбените хеликоптери од типот „AХ-64 Апачи“ и OХ-58Д, за зајакнување на грчката Армија.
Грчките медиуми информираа дека САД ќе донираат голем број воена опрема и оружје на грчката Армија. Таа информација предизвика контроверзии, а одговорот од САД пристигна бргу.
Претставник на американскиот Стејт департмент, кој сакаше да остане анонимен, во изјавата за Агенција Анадолија (АА) рече: „Програмата за вишок одбранбени материјали (EDA) не е грант, туку програма за продажба и Грција користи свои национални средства за тоа.“
Исто така наведе дека на моменти, трошоците за обновување на опремата што се продава во рамките на ЕДА можат да бидат покриени од страна на САД во рамките на програмата за безбедносна помош на САД.
„Но, на партнерите во НАТО обично не им е потребна таква помош“, додаде претставникот на Стејт департментот.
Истакнувајќи дека Соединетите Американски Држави, исто како и Турција и Грција, имаат силна програма за странска воена продажба, претставникот рече дека САД, како и со другите партнери во НАТО, во рамките на Програмата за вишок на одбранбени материјали, им дава воена опрема и на Грција.
„Овие продажби и трансфери, исто како продажбите во Турција и другите наши сојузници во НАТО, ја зајакнуваат нашата заедничка безбедност во јужна и источна Европа“, нагласи претставникот на американскиот Стејт департмент.
Грчките медиуми пишуваа дека САД планираат за грчката Армија да донираат 9 борбени хеликоптери од типот „AХ-64Д Апачи“, 50 борбени хеликоптери од типот OХ-58Д, 350 хаубици М-2А2, 60 ракетни фрлачи МЛРС, возило носач на муниција од видот ХЕМТТ и оклопно возило носач на персонал од видот МРАП.