Servet Günerigök
12 Март 2021•Ажурирај: 13 Март 2021
ВАШИНГТОН
Американскиот претседател Џо Бајден изјави дека сите возрасни Американци ќе имаат право да добијат вакцина против Ковид-19 до 1 мај, јавува Агенција Анадолија (АА).
За време на неговото обраќање до нацијата на годишнината од започнувањето на карантинот поради Ковид-19, Бајден изјави дека единствениот начин за враќање во нормала е да се победи вирусот и дека САД во моментот имаат вистински напредок.
„Најавувам дека ќе ги насочам сите држави да овозможат сите возрасни лица, лица од 18 години и повеќе, да можат да се вакцинираат најдоцна до 1 мај“, изјави Бајден.
Бајден исто така рече дека ќе има нови алатки за полесно доаѓање до вакцината за Американците, вклучувајќи и нова веб-страница за да се најде најблиското место за вакцинирање.
„Нема повеќе деноноќно барање термин за вас и вашите најблиски“, изјави тој.
Заклучно со синоќа, во САД се дадени повеќе од 98,2 милиони дози вакцина.
Претседателот исто така рече дека во наредните недели, САД ќе издадат дополнителни упатства за тоа што можете и што не можете да направите откако ќе се вакцинирате целосно.
Во своите забелешки, Бајден исто така вети дека ќе стори сѐ што е во негова моќ да ја победат болеста и повика на соработка на секој Американец во оваа борба со вакцинирањето кога ќе дојде нивниот ред.
„Бидејќи, тука е поентата. Ако го сториме сево ова, ако го направиме нашиот дел и го сториме тоа заедно, до 4 јули, има голема шанса вие, вашите семејства и пријатели да можете да се соберете во вашиот двор или во вашето соседство, да готвите и подготвите скара и да го прославите Денот на независноста“, додаде тој.
Тој рече дека нема да има големи настани на Денот на независноста и собирите ќе бидат помали со помалку луѓе.
„Ќе го направам овој Ден на независноста навистина посебен, бидејќи не само што ќе ја одбележуваме нашата независност како нација, туку ќе почнеме и да ја одбележуваме независноста од овој вирус“, додаде тој.