İbrahim Hakkı Çetinkaya
12 Март 2021•Ажурирај: 13 Март 2021
АНКАРА (АА) - Претседателот на Соединетите Американски Држави (САД), Џо Бајден, ги осуди делата поттикнати од омраза кон Американците со потекло од Азија што се извршуваат од почетокот на епидемијата на новиот вид коронавирус (Ковид-19) досега и истакна дека треба да му се стави крај на тоа, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Иако во моментов околу 2 милиони наши државјани, Американци со потекло од Азија се во првите редови во борбата против епидемијата Ковид-19, обидувајќи се да спасат човечки животи, тие со страв шетаат по улиците“, истакнал претседателот Бајден, според веста што ја објави „Вик“ (The Week).
Нагласувајќи дека веќе треба да се осуди порастот на злосторствата од омраза врз Американците со потекло од Азија и дека тоа воопшто не ѝ доликува на Америка, Бајден побара да ѝ се стави крај на оваа состојба.
- Големо зголемување на делата поттикнати од омраза врз луѓето со потекло од Азија -
Државниот универзитет во Калифорнија, врз основа на безбедносни податоци, спроведе истражување според кое дојде до откритие дека во 2020 година за 7 проценти се намалиле злосторствата извршени како резултат на етнички предрасуди, но во исто време забележано е големо зголемување на злосторствата од омраза кон Азијците.
Во истражувањето спроведено во 16 поголеми града на САД, вклучувајќи ги и Њујорк и Лос Анџелес, забележано е дека додека бројот на злосторства од омраза врз лицата со потекло од Азија во 2019 година изнесува 49, оваа бројка во 2020 година е зголемена на 122.
Во извештајот на групата за човекови права „Стоп за злосторствата од омраза врз Американците од Азија и Пацификот“ (Stop AAPI Hate), се наведува дека се извршени над 2.800 злосторства од омраза врз Азијци во периодот март - декември 2020 година на целата територија на САД.