Barry Ellsworth
18 Април 2017•Ажурирај: 19 Април 2017
ЈУКОН (АА) - Климатските промени за првпaт во модерната историја предизвикаа толку големо повлекување на глечерите, така што река во областа на Јукон, во северна Канада го смени текот, пренесуваат локалните медиуми.
Џиновскиот глечер Каскавулш го промени правецот и овој феномен научниците го нарекуваат „речна пиратерија“, кога водотекот на еден дренажен систем ќе продре во дренажната област на друг систем и ќе преземе дел од неговиот тек.
Ова вообичаено се случувало како резултат на лизгање на земјиштето, рушење на брана, но не и поради повлекување на глечерите.
Водата престана да се влева во реката Слимс и во Беринговото Море на Арктикот и сега тече кон реката Aлсек и завршува во Пацификот.
„Ова е прв случај речната пиратеријата да се случи пред наши очи поради современите климатски промени“, изјави Ден Шугар, географ на Универзитетот „Вашингтон“ во Такома, пренесуваат канадските медиуми.
„Претходните појави на речна пиратерија се случувале пред илјадници години“, додава Шугар за Си-би-си.
Тој додаде дека реката Слимс во 2013 година, кога истражувачите последен пат го посетиле глечерот, била брза, студена и длабока, но кога се вратиле минатата година, реката била многу плитка и наликувала на езеро.
„Бевме изненадени кога видовме дека буквално во реката немаше вода“, вели Шугар.
Научниците тврдат дека шансите се еден спрема 200 дека појавата не е предизвикана од глобалното затоплување.
„Климатските промени се случуваат и влијаат врз нас. Климатските промени можат да доведат до такви промени за кои дури и не размислуваме“, рече Шугар.
Глечерот Каскавулш се простира на 25.000 квадратни метри.