Barry Ellsworth
21 Јануари 2016•Ажурирај: 24 Јануари 2016
ТРЕНТОН (АА) - Премиерот на Канада, Џастин Трудо потврди дека Канада ќе се повлече од воздушните напади на Алијансата против терористичката организација ДАЕШ, во замена за тоа ќе обезбедат воена обука за локалните сили, јавува Anadolu Agency (AA).
Трудо на Светскиот економски форум (СЕФ) во Давос, рече дека канадските воени авиони CF-18, во замена за други воени активности, ќе бидат повлечени од нападите врз позициите на ДАЕШ во Ирак и Сирија.
Запрашан во врска со неговото ветување за време на изборната кампања дека Канада ќе ја заврши борбената мисија против ДАЕШ, Трудо, рече дека новата воена активност "секако ќе вклучува обука, која ќе им помогне на локалните сили да се борат директно против терористите".
"Земјите од целиот свет треба да видат кој се нивните конкурентни предности. Ние дефинитивно можеме да придонесеме повеќе, преку помагање на локалните полициски сили, со цел да бидат поефикасни во борбата", рече Трудо.
Канадскиот премиер рече дека битката против ДАЕШ не може да се освои од воздух, туку преку справување со непријателот на терен.
"На крајот на краиштата, ваквите конфликти треба да имаат резултати во земјата. Силите на Канада имаат искуство во учење, обука и обезбедување на воените и разузнавачките сили, како што направија во Авганистан", додаде Трудо.
Датумот на повлекување од воздушните напади во Сирија сè уште не е утврден, но Канада не е поканета да учествува на вчерашната средба на министрите за одбрана, која беше организирана за да се разговара за тактиките кои ќе се користат во борбата против ДАЕШ, во 2016 година.
Канадскиот министер за одбрана, Хајрит Сајан рече дека тоа не значи ништо, бидејќи ваквите состаноци се одржуваат "постојано".