Hilmi Sever
24 Ноември 2022•Ажурирај: 25 Ноември 2022
СТАДИОН: Ахмед бин Али
СУДИИ: Џани Сиказве (Замбија), Џерсон дос Сантос (Ангола), Арсенио Марингуле (Боцвана)
БЕЛГИЈА: Куртоа, Дендонкен, Алдервирелд, Вертонген, Кастањ, Де Брујне, Витсел, Фереира-Караско (од 46. минута Муние), Тилеманс (од 46. минута Онана), Батчуаји (од 78. минута Опенда), Азар (од 62. минута Тросард)
КАНАДА: Борјан, Џонсон, Виториа, Милер, Хојлет (од 58. минута Ларин), Хачинсон (од 58. минута Коне), Евстахиу (од 81. минута Осорио), Лариа (од 74. минута Адекугбе), Бучанан (од 81. минута Милар), Дејвид, Дејвис
ГОЛ: Батчуаји (Белгија) во 44. минута
ЖОЛТИ КАРТОНИ: Караско во 9. минута, Муние во 54. минута, Онана (Белгија) во 56. минута, Дејвис во 81. минута, Џонсон (Канада) во 83. минута
ДОХА
Четвртиот ден од Светското фудбалско првенство во Катар продолжи со натпревари во групите Е и Ф, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во групата Ф селекцијата на Белгија играше против репрезентацијата на Канада. Белгија извојува минимална победа од 1:0 со голот на Батчуаји во 44. минута. Канада прикажа извонредна игра и можеше да биде уште едно изненадување на ова фудбалско првенство. Во 10. минута од средбата беше досуден пенал за Канада, но Дејвис не успеа да го искористи ударот од белата точка.
Изненадување на денот се случи на средбата меѓу Германија и Јапонија, која се одигра во рамките на групата Е.
Германија во првото полувреме главно доминира на теренот и во 33. минута поведе со 1:0 со голот на Илкер Ѓундоаган постигнат од белата точка. Со тој резултат заврши првото полувреме.
Во првиот дел од второто полувреме Германија ја водеше играта на теренот, но во вториот дел Јапонците како да се „разбудија“ и започнаа да им прават пресинг на Германците по целиот терен. Оваа игра вроди со плод и Јапонија во 75. минута го изедначи резултатот на 1:1 со голот на Рицу Доан.
Овој гол како да ѝ даде крилја на јапонската селекција и веќе во 83. минута фудбалерите од далечниот Исток имаа водство над Германија од 2:1 со голот на Такума Асано во 83. минута.
Германија се обиде со голем притисок на противничкиот гол да го изедначи резултатот, но со тоа не успеа да го избегне поразот. Јапонија по Саудиска Арабија направи уште едно изненадување на СП Катар 2022, совладувајќи ја фаворизираната репрезентација на Германија.
Претходно во групата Е, Мароко одигра нерешено, 0:0 против Хрватска, а Шпанија ѝ нанесе катастрофален пораз на Костарика од 7:0, највисоката победа на Шпанија на досегашните светски фудбалски првенства. Головите за Шпанија ги постигнаа Олмо во 11. минута, Асенсио во 21., Феран Торес во 31. (П) и 54., Гави во 74., Карлос Солер во 90. и Алваро Мората во 90.+2. минута.
Денеска на програмата се натпреварите од групите Г и Х. Се среќаваат:
11:00 Швајцарија - Камерун
14:00 Уругвај - Јужна Кореја
17:00 Португалија - Гана
20:00 Бразил - Србија