Şenhan Bolelli
20 Декември 2015•Ажурирај: 20 Декември 2015
МАДРИД (АА) - Во Шпанија денес се одржуваат општи избори на кои околу 36,5 милиони регистрирани гласачи го избираат новиот состав на Националниот парламент, јавува Anadolu Agency (AA).
Избирачките места отворени се утринава во сите шпански покраини во 08:00 часот, а затворањето на избирачките места е планирано вечерва во 20:00 часот по локално време.
Правото на глас во Шпанија има вкупно 36.510.902 регистрирани гласачи, од кои 1.583.560 бирачи за прв пат се стекнаа со правото да излезат на избори.
На денешните избори се бираат двата дома на Националниот парламент и тоа Претставничкиот дом кој брои 350 и Сенатот кој брои 208 застапнички места. Во трката за влез во највисоката законодавна институција на Шпанија учествуваат над 4.000 кандидати.
Изборниот процес тече со зајакнати безбедносни мерки поради терористичките закани во земјата, а за безбедноста на избирачките места ангажирани се 91.702 припадници на шпанската полиција и жандармерија.
Врховната изборна комисија најави дека првите прелиминарни резултати би можело да бидат објавени два и пол часа по затворањето на избирачките места. Релативно брзото објавување на резултатите ќе биде можно бидејќи 92,8 отсто од гласачките ливчиња ќе бидат пребројани по дигитален пат.
Најголеми очекувања од денешните избори имаат четирите политички опции. Предизборните анкети најавуваат неизвесна трка во која ниту една партија нема да стекне доволно мнозинство за самостојно формирање влада.
Владеачката конзервативна народна партија (PP) и најсилната опозициона Социјалистичка работничка партија (PSOE) веќе традиционално ќе се борат за најголемата изборна битка, но овој пат интересно ќе биде да се следи и колкава поддршка ќе добијат дебитантите на општите избори во Шпанија, коалицијата Ciudadanos и Podemos.
Опцијата која ќе добие доверба од бирачите за владеење во следниот четиригодишен мандат ќе ги наследи економската криза и невработеноста од 23%, но и горчливото прашање на внатрешната политика на Шпанија врзано за иницијативата за отцепување на Каталонија.